Вести Најважни Свет

Животот по 1000 дена од почетокот на војната во Украина

Во главниот град жителите на Киев ја започнаа својата недела со повторни, воздушни аларми. Звукот на сирените во кој било час од денот или ноќта стана дел од секојдневниот живот.

Студентот по историја, Владислав Пархоменко, по потекло од јужниот град Запорожје, вели дека секој ден во Киев и Запорожје е кошмар и постојаните удари и цивилни жртви се секојдневие во кое живеат жителите.

  • „За мене еден ден живеење во Украина значи, секако, воздушни напади кои постојано се огласуваат секој ден. Јас самиот, иако не сум од Киев, учам овде. Јас сум од Запорожје, така што секој ден и во Киев и Запорожје е кошмар, секој ден има цивилни жртви, постојани удари врз цивилната инфраструктура и станбените згради, всушност, секој ден навистина тешко“ изјави Владислав Пархоменко, студент по историја на Универзитет Тарас Шевченко во Киев.

На Плоштадот на независноста во Киев никна неофицијален споменик на оние кои се бореле и загинале за земјата. Сината и жолтата боја на националните знамиња исцртани со фотографии на паднати војници и амблеми на многу други борци ја покажуваат жртвата на загинатите во украинско-руската војна. Додека непосредно пред споменикот, на билборд стои оглас за ново регрутирање на војници.

Жителите од помалку безбедните области низ Украина ги пополнуваат празнините на Киев што ги оставија милионите кои ја напуштија земјата.

  • „Останав без ништо, само со знаме и торба. Куќата ми ја одземаа, земјата ја одземаа, сè беше одземено од куќата. Тие веќе десет пати се вселиле таму, а сите што излегоа од мојата куќа зедоа нешто.некој машина за перење, некој фрижидер сè ми беше одземено, тешко е за луѓето, но ќе го помине сето тоа, ќе купиме се, ќе прилагодиме и ќе има“ изјави Ана Цмикаило, раселена од својот дом во делот на Херсонската област.

На железничка станица во Киев може да се забележат војници како разговараат со своите роднини и пријатели за да се качат на воз и да заминат кон исток.

Русија направи неуспешен обид да го нападне Харков, но се повлече од периферијата еден месец подоцна. Градот денеска сè уште се соочува со напади од беспилотни летала и разорни воздушни бомби.

Како и многу жители низ Украина, опасноста од смрт е животен факт со кој живеат секој ден. Кога руските тенкови влегоа во Украина во февруари 2022 година, главната цел беше град Киев, но набрзо наративот пропадна. Украинската армија докажа дека може да го забави напредувањето на руските сили со помош на западните сили. Сепак три години подоцна војната се уште трае. Русија троши огромни количини на оружје, а човечките жртви секој ден се зголемуваат.

Претседателот Џо Бајден донесе добра одлука дозволувајќи и на Украина да користи американско оружје за напади во Русија, изјави францускиот претседател Емануел Макрон. Тој истакна дека ова е одговор на ескалацијата која ја прави Русија особено со донесувањето севернокорејски војници на линијата на фронтот. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека употребата на американско оружје за напади врз цели во Русија претставува „квалитативно нова ситуација во однос на вмешаноста на САД во овој конфликт“. Руската војска долго време користи оружје од странско производство, како што се иранските беспилотни летала Шахед, за да ја нападне Украина. Претходно оваа година, Макрон рече дека ја поддржува Украина да нападне воени цели во Русија, бидејќи Москва поради западните ограничувања употребува донирани ракети.

Tea Димковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Десничарска група поврзана со Ле Пен под истрага на Европското јавно обвинителство

Дејан Дејан

Нетанјаху за Палестинците во Газа – може да останат а може и да си одат

Дејан Дејан

Телма во Чучер Сандево: Со пожарникарите и жителите ги бранат куќите и манастирите од пожарот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе