Вести Најважни Свет

Бајден додава масло на огнот, обвини Кремљ по одлуката на САД да ѝ дозволат на Украина да напаѓа со оружја со долг дострел

Администрацијата на Бајден има намера да додаде масло на огнот и да испровоцира поголема ескалација на овој конфликт, обвини Кремљ по одлуката на Белата куќа да ѝ дозволи на Украина да ги користи ракетите со долг дострел. „Ако ракетите со долг дострел испорачани од САД погодат цели длабоко во Русија, Москва тоа нема да го смета како напад од Украина, туку како напад од САД“, се вели во соопштението со кое се критикува одлуката на Бајден.

„Претседателот Путин веќе многу едноставно објасни. Украина не ги извршува овие напади, едноставно, нив ги извршуваат земјите кои дале дозвола, бидејќи украинската армија не ги бира целите и не го извршува одржувањето. Тоа го прават воени специјалисти од западните земји и тоа кардинално го менува моделот на нивната вклученост во конфликтот. Од тука произлегува опасноста и провокативната природа на ситуацијата“ изјави Дмитри Песков – Портпарол на Претседателот на Руската Федерација.

Москва не беше единствена која ја критикуваше одлуката. Реакции пристигнаа и од тимот на Трамп. Доналд Џуниор на социјалните мрежи обвини дека воената индустрија сака да се осигури во избивањето на Третата светска војна пред татко му да успее да постигне мир. Против дополнително вооружување на Украина е и потпретседателот ЏД Венс, но не сите во окружувањето на идниот американски претседател го споделуваат тој став. Новиот советник за национална безбедност Мајкл Волц порача дека САД треба да ја забрзаат испораката на оружје за Украина.

Во Европа, Франција и Британија веднаш по САД дозволија да ги користи нивните оружја на руска територија, а високиот претставник на унијата, Жозеп Борел ги повика сите земји да го направат истото.

„Постојано велам дека на Украина треба да ѝ се дозволи да ги употребува оружјата кои ѝ ги испорачуваме, не само за да ги запре „стрелите“ туку и да може да ги погоди и „стрелците“. Сѐ уште верувам дека така треба да биде. Убеден сум дека повторно ќе разговараме за тоа. Се надевам дека земјите членки ќе се согласат, но ако не, тогаш секој ќе го направи тоа што смета дека треба за да ја поддржи Украина“ изјави Жозеп Борел – Висок претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ.

Киев со месеци бараше дозвола од западните сојузници да напаѓаат цели подлабоко во Русија, и оваа одлука доаѓа во период кога украинското и американското разузнавање очекуваат руска контраофанзива во Курск, каде Украинците контролираат околу 1.000 квадратни километри руска територија. Иако поради малиот број и бавната испорака, не се очекува дека овие системи со долг дострел ќе имаат поголемо влијание врз текот на војната. Очекувајќи дека Украинците ќе добијат дозвола, Русите веќе ги повлекоа авионите со кои ја напаѓаат Украина подлабоко на своја територија. Но, Киев се надева дека по неколку месечна серија на порази и повлекување во Донбас, оваа одлука ќе има позитивен ефект врз украинскиот морал.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европратениците утре ќе гласаат за извештајот за Македонија

Дејан Дејан

Ангелов: Имаме доброволци, имаме професионалци од ТППЕ, цврсто сум решен да направам и специјалци пожарникари

Дејан Дејан

Ангелов: Зад сите пожари, би рекол, стои човечки фактор, лани имавме неколку пожари од грмотевици и од допир на жици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе