Кливленд и натаму е непоразен во новата сезона во НБА-лигата и утринава го запиша 13-тиот триумф во низа откако славеше на гостувањето кај Филаделфија со 106-114. Донован Мичел постигна 11 поени од своите 23 во последните три минути од натпреварот, а имаше и 13 скокови и девет асистенции. Дариус Гарланд имаше 25 поени за Кавс.
Јанис Адетокумбо одигра неверојатен натпревар и постигна 59 поени во победата на Милвоки против Детроит од 127-120 по едно продолжение. Грчкиот кошаркар постави рекорд оваа сезона за поентерски ефект, но за него лично ова е вториот најдобар натпревар во кариерата, бидејќи лани постигна 64 поени против Индијана. Кејд Канингем со 35 поени најмногу се истакна кај гостите од Детроит.
Леброн Џејмс го запиша третиот трипл-дабл по ред и го предводеше Лејкерс до победа од 128-124 против Мемфис. Ветеранот го заврши натпреварот со 35 поени, 14 асистенции и 12 скока.
Шампионот Бостон славеше во Бруклин со 114-139, Оклахома со 106-88 беше подобра од Њу Орлеанс, а Сакраменто со 127-104 му го нанесе третиот сезонски пораз на Феникс. Победи остварија и Портланд, Сан Антонио, Хјустон, Чикаго и Орландо.