Годинава инфлацијата повисока од економскиот раст. Проекциите на Народната банка се 2024 да се заврши со раст од 2,3 проценти. Ова е пониско од априлските проекции, приближно на очекувањата на Владата. За следната година пак прогнозите се економијата да порасне за 3,3 проценти – пониско од оптимистичките најави на Владата од 3, 7 отсто. Како проблеми за домашната економија се посочува лошата состојба во Германија и намалените нарачки од странство. Очекувањата се инфлацијата да биде 3, 5 проценти, а следната да се намали. Но, ризици се уште постојат. Со новите покачувања, ставката плати во јавниот сектор во новиот буџет тежи над 900 милиони евра. Ваквите одлуки можат да ја подгреат инфлацијата. Затоа од банката предупредуваат да се внимава со домашните политики.
– Сите политики кои влијаат на агрегатната побарувачка може да влијаат на инфлацијата од таму ние сите расположливи информации за буџетот ги вградуваме во нашето макроекономско сценарио и со сите овие претпоставки очекуваме да продолжи процесот на опаѓање на инфлацијата. Но, не случајно го споменав и овој ризик на домашните политики и потребата од водење на прудентни и домашни политики за да не се соочиме со нов бран на инфлациски притисоци, вели гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска Бежоска
Во однос на најавите кои ги слушаме деновиве дека државата од буџетот- кој го полнат и граѓаните, ќе ги покрива трошоците за кредитите на фирмите кои ќе аплицираат за унгарските пари, од Народната банка без коментар, со образложение дека не се вклучени во процесот на договарање меѓу банкарите и Владата.
-Ние навистина како централна банка не сме вклучени во тој процес и не ги знаеме деталите од разговорите кога ќе имаме подетални сознанија тогаш би можеле да излеземе со наш став, додава Бежоска.
Во извештајот на НБРМ стој дека банкарскиот сектор е стабилен, но ги предупредија банките да го почитуваат Законот за платежни услуги. Дел од нив уште наплаќале за затворање на сметка, па поради тоа биле санкционирани.
Ирена Чачкова