Роберто Манчини повеќе не е селектор на Саудиска Арабија откако денеска спогодбено го раскина договорот со оваа федерација. Италијанскиот стратег немаше некои значителни резултати за време на неговиот мандат што траеше само 14 месеци.
Манчини беше назначен за селектор на Саудиска Арабија во август 2023 година и потпиша четиригодишен договор. Сепак, потпросечните резултати на националниот тим изминатиот период ги натераа челниците на саудискиот фудбал да реагираат и спогодбено да го раскинат договорот со 59-годишниот трофеен стратег.
Саудиска Арабија има само една победа на последните пет средби и моментално се наоѓа на третото место во својата квалификациска група за пласман на СП 2026 година. Репрезентацијата под негово водство исто така неочекувано рано испадна од Азискиот Куп во јануари годинава, кога загуби од Јужна Кореја во осминафиналето.
Манчини во својата тренерска кариера го водеше Интер до три шампионски титули во Серија А, потоа го одведе до титулата и Манчестер сити во Премиерлигата, а беше селектор на Италија кога оваа селекција го освои Европското првенство во 2021 година.