Започна судењето на осомничените за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Оd сведочењето на мајката дознавме дека уште на стартот таткото Алекдсасндар се сомневал оти Вања е киднапирана, а полицијата рече дека дури им го покажал и возилото со кое е таа грабната. Од друга страна еден од осомничените за соизвршителство во страв да не ги убие Палчо и кажале на полицијата каде се закопани Вања и Панче. Многу детали се потребни за да се склопи целиот мозаик, но засега се уште не е познат мотивот.
По десет месеци од свирепите убиства на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски започна судскиот процес против петмината обвинети.
Не се чувствуваме виновни. Кажаа еден под еден. Првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо. Соизвршителите Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
Обвинителството тврди… Добро се познавале. Секој од нив во настаните имал своја улога. Преземале дејствија, детално во најмали поединости, кои претходно биле договорени. Ѓорчевски дал насоки кога неговата ќерка ќе излезе од дома и дека ќе биде сама.
По образложението на обвинението речиси и да не се слушна збор од Кешишев, Видевски и Манев. Само кратко- Не.. на прашањето на судијата Ивица Стефановски дали се виновни за делата за кои се товарат.
За Ѓорчевски местото е резервирано во третиот ред. Подалеку од другите обвинети и само напред кажа како се чувствува.
„Јас умрев во 7:32 часот на 27 ноември. Тоа што остана од мене е ехо од човек. Чувствувам болка и агонија што не може да се опише со зборови. Но, сепак од друга страна чувствувам обврска и кон вас и кон Миња за целосно да се разреши ова работа“, рече Ѓорчевски.
Палевски, кој се товари за најтешките дела организирање на грабнувањата и извршител на убиствата остана на истиот став. Процесот е политички монтиран. А доказите на обвинителството се базираат на лажен исказ на еден од обвинетите за да избегне доживотен затвор, алудирајќи всушност на Кешишев кој е прв фатен од полицијата, ќе раскаже се и ќе ја однесе до другите обвинети.
Што расветлија сведоците досега за случајот?
Прва на листата на сведоци беше Зорица Ѓорчевска. Прашањето што досега ја мачеше јавноста- зошто толку брзо пријавила во полиција дека нејзината ќерка е исчезната го расчисти.
Класната раководителка 10 до 15 минути по почеток на првиот час и јавила дека Вања ја нема. Ова не било вообичаена пракса. Но, Вања била очекувана во училиште кобниот ден на 27 ноември.
Зорица претходната вечер разговарала со класната. Причината била книга која Вања ја позајмила на соученичка. Но, таа тврдела дека книгата не е кај неа, па класната и Зорица се договориле проблемот меѓу двете ученички да го разрешат утредента на првиот час.
Во 7:43 стигнала пораката на телефонот на Зорица дека ќерка и не е на час. Ја видела 2 минути подоцна. Кога сфатила дека Вања е недостапна на телефон го лоцирала нејзиниот телефон на Партизанска. Веднаш му јавила и на Александар, па на полицијата.
Улогата на Александар Ѓорчевски
„Од првиот момент тој велеше дека Вања е киднапирана и на прашањето зошто, бидејќи кога е некој киднапиран треба да има причина, викаше нема што друго да биде“, сведочеше Зорица пред судот.
Дека Вања ќе оди сама на училиште наместо со Миња, според Зорица, нејзиниот поранешен сопруг бил информиран не од неа, туку од помалата ќерка. Така тврдела Миња. Класната ја известила претходната вечер. Ги известила и родителите дека првиот час нема да се одржи.
Беше потиштен, тажен, не избувлив каков што е вообичаено, рече Зорица пред судот, а тоа го поврзувала со фактот што детето го немало. Ќе појасни и што мислела околу неговата теорија за киднапирањето.
„Можеби ја идеализираше ќерката дека не би можела да избега“, за разлика од неа која се преиспитувала дали се скарала со Вања и дали и е лута за нешто, па можеби затоа избегала од дома или пак ја прелажал некој со кого комуницирала на интернет.
Зорица немала сознанија дали Ѓорчевски и Палевски се познавале. Ни таа не го познавала Палевски, ама знаела кој е и дека соработувал со нејзиниот татко за купопродажбата на станот на Наум Наумовски Борче за кој сите обврски биле подмирени.
Најголем сомнеж за Ѓорчевски фрли сведочењето на помошник началникот во СВР Скопје, Музафер Каришиќ.
Бадијала губиме време. Таа е киднапирана. Таа е убиена, постојано му повторувал Ѓорчевски од првиот ден на потрагата без да наведе причини за тоа. Каришиќ однесувањето на Ѓорчевски го оцени како конфузно и чудно.
„Не наведе конкретна причина. Го прашувавме пред да тргнеме во потрагата, зошто, дали должи пари на некого, дали му се заканувал некој, дали е некој функционер во прашање. Зошто некој би ја киднапирал ќерка му?“, рече Музафер Каришиќ, помошник началник во СВР Скопје.
Туфегџиќ изјави дека сведокот изнел само лични ставови и размислувања без аргументи на што ги темели сомнежите за Ѓорчевски и дека тој е виновникот за неговиот прогон.
„Токму овој сведок е човекот кој Александар го донел на обвинителна клупа без ниту еден аргумент, без ниту еден доказ. Наместо да го направи она за што бил платен од граѓаните и била доведена во прашање нашата безбедност“, изјави Туфегџиќ, адвокат на Александар Ѓорчевски.
Материјален доказ засега за инволвираноста на Ѓорчевски нема. Има комуникација со Вања, која истата девојчето и ја испратила на мајка и во која и вели добро да се облече за на училиште, бидејќи ќе биде ладно.
„Не би ме изненадило до толку бидејќи често знаеше да ми соли памет како детето да се пушти на училиште дека ќе се разболи, да не оди гола“, сведочеше Зорица Ѓорчевска.
Оваа комуникација ќе ја потврди и Дејан Димовски началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје. Но во неговото сведочење пред судот ќе има дополнително две новини. Првата дека на кобниот ден 27 ноември во 9:15 часот, само два часа по грабнувањето на Вања, камерите на Сејф сити ќе го забележат Ѓорчевски со неговото возило како поминува покрај хотелот Александар Палас и се движи кон Качанички пат.
Тоа е истата траса по која претходно поминале Цитроенот и Реното Кангу. Кога го прашале зошто натаму се движел одговорил дека поведен од филмовите заклучил дека киднаперот секогаш се движи кон најблиската граница, но сепак не отишол до таму, туку се вратил назад, бидејќи имало гужва.
„Чудно беше ги превидуваше настаните прво рече е киднапирана па убиена. Велимир и Боре кажаа дека знаат дека таткото на Вања му кажал на Палчо дека девојчето ќе биде сама, кога ќе оди на школо. Ни се засилија сомневањата. Зошто таткото би бил инволвиран не знаеа да кажат“, рече Дејан Димовски началник во СВР Скопје.
Со тие нивни искази и со разумско согледување на сите овие околности можеше да се заклучи дека е сомнителен, но не го обвинивме ние, ќе одговори Димовски пред судот.
Втората новина е избришана порака. Началникот Димовски тврди. Ѓорчевски во вибер групата на родителите од класот на Вања напишал- Кажете колку пари треба. Потоа ја избришал. Туфегџиќ пак тврди дека на прашање на еден од родителите дали има нешто ново, Ѓорчевски одговорил ништо, полицијата смета дека избегала. Ја избришал затоа што не сакал да ја опструира истрагата.
Митко Лазаров чичкото на Зорица, кратко се обрати до судот. Бил само дел од потрагата во близина на Силбо, каде последен пат бил лоциран телефонот на Вања. Го затекнал Александар сам во возилото и го прашал што е работата.
Ако е утепана Вања ќе се утепам и јас, му рекол Александар по што со солзи во очите Лазаров рече дека му било чудно неговото однесување.
Инаку и двајцата Каришиќ и Димовски сведочеа дека нема траги и докази за било каква комуникација меѓу Палевски и Ѓорчевски. Двајцата тврдат дека не се познаваат.
Потрагата на Ѓорчевски и неговиот пријател Трајковски
Александар заедно со неговиот пријател Гоце Трајковски си терале своја истрага и набавувале снимки од околните објекти и истите ги прегледувале. Ги испраќале и кај помошник началникот Каришиќ.
Една од фотографиите ќе биде од објект кој гледа накај влезот од зградата каде живееше Вања и кој имал камера на него. Ѓорчевски рекол дека ќе ги набави снимките. Полицијата сепак стапила во контакт со сопствениците и се согласиле истите да ги достават, но кабелот од струјата бил пресечен. Сторителот на полицијата се уште не и е познат. На камерата немало воопшто ништо снимено.
Каришиќ сведочеше и дека Ѓорчевски барал средба со него и го запознал со Трајковски. Но, целта, според него, им била повеќе да се информираат какви сознанија имала полицијата.
Тој од сите снимки издвои само една фотографија која му ја испратил Трајковски. Од бензинската станица во Велес на која бил прикажан Цитроенот на Жежовски, но тогаш полицијата воопшто не знаела за возилото, ниту за поврзаноста со грабнувањето на Вања. Трајковски рекол дека ја набавил од роднина кој работи на бензинската станица. Сомнеж за полицијата за инволвираноста на Ѓорчевски потоа ќе биде и оваа фотографија.
„Можевме да видиме и да слушнеме дека да не биле Александар и лицето Гоце ние денеска веројатно уште би претпоставувале што и како се случува со овие луѓе кои се воделе како исчезнати и веројатно уште немаше да имаме епилог“, посочи адвокатот Туфегџиќ.
Од признание до негирање вина
Реното Кангу ќе ја однесе полицијата до Десна, а потоа и до првиот соизвршител Кешишев. Најпрвин молчел, но во еден момент му кажал на помошник началникот Каршиќ дека е го однесе некаде за да му покаже нешто, но само на него. Тогаш за прв пат ќе го спомне и Палевски.
„Ќе те однесам. Ќе ти кажам, меѓутоа се плашам да не ме каже некој од колегите кај Палчо. Палчо ќе ме убие“, сведочеше началникот Каришиќ.
Ќе ги донесе на местото кај опожарениот Цитроен, но се уште нема да им кажува зошто. По негови инструкции ќе стигнат на местото викано Дупки. Без да зборува посочил со глава накај душеците и перниците кои се наоѓале на малата депонија. Тука е маленкото. Девојчето што го грабнаа ќе му рече Кешишев на Каришиќ по што ќе ја пронајдат убиената Вања.
Ќе каже и дека присутни биле Палевски и Манев. Подоцна ќе го спомне и Видевски дека се возел со Жежовски во Цитроенот. Тогаш за прв пат полицијата сфаќа дека двата случаи се поврзани. Дел од мобилниот на Вања ќе биде пронајден и во опожареното возило.
Кешишев ќе ја однесе полицијата до други докази. Лопатата искористена за копање на дупката, скриена во близина. Недостасувал копачот, кој според Кешишев го носеле останатите обвинети.
Тие носеле и ракавици да не остават траги на местото на злосторството. И тоа Кешишев го кажал на полицијата и дека комуницирале со мотороли преку радио врски.
Манев пак ќе биде лицето кое ќе ја однесе полицијата до местото каде ќе биде закопан Жежовски. Ова пред судот ќе го открие поранешниот началник на СВР Велес, Ристе Самарџиев. Ќе биде приведен по барање на колегите од Скопје и ќе каже се.
„Он ни кажа дека тие се виновници за убиството на Вања. Прво што кажа е местото каде што е убиена и закопана Вања. Потоа ни кажа и за Панче“, рече пред судот Ристе Самарџиев, поранешен началник на СВР Велес.
Манев и кажал на полицијата дека Палевски е тој што го извршил убиството на Жежовски. Чаура е пронајдена на местото. Телефонот на Жежовски ќе биде пронајден неколку дена по неговото исчезнување во близина на бензинската станица каде е и фотографиран со Видевски.
По насоките на Палчо работевме ние. Дури некој од нив кажа тоа беше одлука на Палчо, за тоа каде Вања ќе биде закопана, во близина на местото каде на обвинетите им велел дека сака да гради нешто, сведочеше началникот Димовски.
Ќе каже и дека на видео снимките од Сејф Сити се гледа ликот на Палевски во Реното Кангу за разлика од неговиот колега Каришиќ кој негативно одговори.
Каде е пиштолот?
Убиствата се извршени со пиштол од калибар 9 милиметри. Не е пронајден. Но, токму Горан Бошевски адвокатот на Манев во образложението пред судот на одбраната ќе го спомне оружјето.
„Одбраната дојде до некои сознанија кои ќе ги поднесеме како дополнение кои се однесуваат на празнината во докази, односно ќе се обидеме да посочиме од каде е предметниот пиштол, кому му е даден, каде е засолнат и ако се спојат сите работи да се најде предметниот пиштол“, изјави пред судот Горан Бошевски адвокатот на Кешишев.
КОД веќе пишуваше дека Палевски на 5 мај, минатата година кога бил сопрен при рутинска проверка на полицијата во непосредна близина на тунели Демир Капија-Јаворица му е одземен пиштол Валтер калибар 9 мм, кој го носел без дозвола. Тогаш тој според записникот на полицијата бил во друштво со останатите тројца обвинети. Палевски притоа се обидел да го фрли пиштолот за кој имал само дозвола за поседување, не и за носење.
Мотивот- имотна корист
Факт е дека Зорица имала само 30 илјади евра кои и останале од продажбата настан во скопската населба Аеродром. Поседува уште два во Скопје. Во Капиштец каде што живеела до септември минатата година и во Дебар Маало кој им бил дом само два месеца до грабнувањето на Вања.
Мотивот обвинителството тврди дека е да се изнудат пари од Зорица. Во своето прво обраќање до судот Палевски тврдеше дека Ѓорчевски е искористен за да се направи лажен мотив, бидејќи имотната корист паѓа во вода со фактот што Зорица имала само толку пари.
„Тоа значи дека е одлучено детето да биде убиено. Мотивот е вештачки. Александар Ѓорчевски е колатерална штета затоа што очајно се трудел да ја најде неговата ќерка. Нема обид некој да бара пари од мајката, а дупката е претходно ископана. Детето е грабнато за да биде убиено, а не да се бара пари“, рече Палевски.
Палевски во меѓувреме си ја засили одбраната со уште еден адвокат Јовица Страшевски. Неговиот колега Марјан Витановски на почетокот на судењето прстот го впери кон другите обвинети, а и одбраната на Палевски се движи во тој правец дека докази за него нема за разлика од другите.
Дали мотивот е навистина тој не го оспорува фактот дека Вања и Панче се свирепо убиени и дека дел од обвинетите ќе кажат дека Палевски е извршител и ќе ја однесат полицијата до телата. Во него гледале како на господ, а сега и се плашат од него, тоа го коментираат ни нивните адвокати.
Прашањето зошто Вања е убиена без да се бара откуп, само два часа по нејзиното грабнување, можеби и до крајот на судењето нема да добие одговор.
Марија Митевска