„Тврдењето дека за време на моето раководење со МВР е расчистен само еден случај е целосно лажно и манипулативно, со цел да се дезинформираат граѓаните. Според официјалните бројки на МВР, во 2023 година имало 23 убиства од кои две нерасветлени, додека во 2024 година до месец октомври има 16 убиства, од кои, исто така, само два се нерасветлени. Овие податоци покажуваат дека ситуацијата не само што не е влошена, туку е и подобрена од аспект на намалување на бројот на убиства“, напиша Тошковски на Фејсбук како реакција на прес-конференцијата на СДСМ на која се побара негова оставка.
Тошковски истакна дека во изминатите седум години се случувал хаос, а скандалите, како што наведе, „се редеа еден по друг“.
„Нивните владеачки структури дозволија криминалците да владеат на улиците, да пукаат во трговски центри, да тероризираат граѓани и да ја претворат полицијата во извршител на нивните интереси. Пукањата во „Ист Гејт”, каде криминалци пукаа сред бел ден, мафијашките убиства во „Шиша Бар” и Бутел, двојното убиства во Топанско Поле, бегствата на затвореници. Сето тоа не се случи во овие 100 дена. Овие настани чии извршители ден денес се непознати, се резултат на долгогодишното уништување на системот, кој тие го претворија во механизам што им овозможуваше на криминалните структури да дејствуваат слободно. За време на нивната власт, која сега се осмелува да зборува за неспособност, пасоши се делеа на меѓународни криминалци – 215 нарко босови и лица со меѓународни потерници добија македонски документи и се движеа слободно низ Европа“, наведе меѓудругото првиот човек на МВР.
