Присуство на токсини од бактеријата стафилокока е причината поради која 140 ученици од основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ од Општина Аеродром во петокот се пожалија на стомачни болки. Земените примероци од бомбиците укажуваат присуство на бактерија, а на еден од садовите пронајдената бактерија укажува на нехигиенски услови при работа. Брисовите на вработените се негативни.
„Од мострите храна, од испитуваниот примерок – бомбици, најдено е стафилококус ауреус и ентеротоксин позитивен, од сите брисови што се земени од површините и од садовите, само на еден сад било најдено зголемен број аеробни меозфилни бактерии што укажуваат на нехигиенски услови. Брисовите од раце на сите вработени ги задоволуваат хигиенските стандарди. Брисовите од грло и нос на вработените се негативни“, изјави Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје.
Од 360 ученици од прво до трето одделение кои се во целодневна настава и се хранат од таа кујна 140 пројавиле симптоми, уште во утринските часови. Директорот и наставниците веднаш ги известиле родителите, дел од децата си заминале дома бидејќи не можеле долго време да останат без топол оброк. Екипите на ИЈЗ зеле примероци од кујната и оттогаш таа остана затворена, веќе не се служи топол оброк таму.
Деновиве децата од прво до трето одделение почнуваат со настава половина час подоцна, се со цел да имаат време да појадуваат дома. Директорот на училиштето вели дека тие засега се во неизвеснот. По добивање на официјалните извештаи ќе постапат според законите во координација со надлежните институции.
Тамара Марковска
ИЈЗ: Бактерија во бомбиците причина за труењето на 140 деца во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје