Вести Македонија Топ вести

Едни институции плаќале за иста работа до четири пати поскапо од други

Иста работа на различни тендери била набавувана до четири пати поскапо, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации.

Минатата година била потрошена рекордна сума пари за тендери, а на повиците се пријавувале рекордно најмалку фирми. Во 2023 година биле потрошени околу 1,5 милијарди евра за јавни набавки, што е 35 отсто повеќе од претходната година, но се намалила конкуренцијата. Во просек, на еден тендер се јавувале по 2,7 понудувачи, но на секој трети повик се пријавувала само по една фирма. Анализата покажала дека колку е помала конкуренцијата, толку повисока цена плаќаат граѓаните, а добиваат понизок квалитет за набавените стоки и услуги во институциите.

„Сметаме дека најголем проблем зошто другите фирми не веруваат во набавките и не учествуваат е корупцијата, односно сметат дека тендерот е однапред наместен за некоја фирма и не си го трошат ни времето ни енергијата за да учествуваат на тендерите. Освен корупцијата, договарањето меѓу фирмите е исто така сериозен проблем. Потоа проблем е задоцнетото плаќање, па фирмите не можат да чекаат. Тоа се сè фактори што ги одвлекуваат од учество на јавните набавки“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

На пример, Државната комисија за жалби по јавни набавки набавила лиценци за софтвер за една година по цена од 6185 денари, додека Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ја платила истата лиценца за 23100 денари, односно скоро четири пати поскапо. На тендерот имало само еден понудувач.

Водоводното претпријатие од Виница купило натриум хипохлорид за 27 денари по килограм, додека комуналниот сервис од Валандово го платил 71 денар, односно 2,5 пати поскапо.

Над 40 отсто од лицата за јавни набавки сметаат дека во тендерите има корупција, но од друга страна, многу малку фирми се жалат на тендерите.

„Фирмите прашани зошто не се жалат, еден дел велат дека немаат доверба во фер одлука кога ќе се жалат, а другите имаат страв од реваншизам ако се жалат на некоја институција дека таму повеќе вратите ќе им бидат затворени и нема никогаш да добијат тендер. Неповолен индикатор е што паѓа бројот на усвоени жалби. Ако порано беше над 50 отсто, сега тој процент падна на 40. Значи, само 40 отсто од жалбите се усвојуваат, а другите се отфрлаат и тоа е фактор плус што ги одвлекува фирмите од жалење“, вели Филков.

Центарот за граѓански комуникации лоцирал неколку проблеми во спроведувањето на јавните набавки, кои отвораат сомнеж дека некој тендер е местен, па на штета на граѓаните стоки или услуги се плаќаат значително поскапо од што треба.

Во секој четврти тендер не биле објавени количините што се бараат што овозможуваат лесно местење на тендерите, стои во Извештајот.

Има зголемен број на тендери на кои се пријавила само една фирма, која понудила цена колку што била проценетата вредност на набавката, иако проценетата вредност не била јавно објавена. Ова создава сомнеж дека некој „им шепнал“ на понудувачите колкава цена се очекува.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ликвидацијата на Хаменеи нема да го ескалира конфликтот, туку ќе го заврши, порачува Нетанјаху

Дејан Дејан

Иран сака прекин на огнот со Израел и продолжување на преговорите со САД, тврди „Волстрит Џурнал“

Дејан Дејан

МПЦ-ОА доби нов митрополит, но дали тоа ќе ги смири или уште повеќе ќе ги засили поделбите внатре во Црквата?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе