Вести Македонија Топ вести

Кривична пријава за пратеникот од СДСМ Борче Цветков, тој обвинува за политички притисоци

Borce Cvetkov, Борче Цветков

Струмичката полиција поднесе кривична пријава против пратеникот Борче Цветков од СДСМ, кого го товари дека ја злоупотребил службената положба и овластување додека бил директор на струмичкиот затвор. Цветков вели дека за кривичната дознал од медиумите, и оти никој не го повикал на распит. На случајот гледа како на политички притисок, со оглед на тоа што е пратеник и претседател на општинската организација на СДСМ во Струмица.

Според полицијата, Цветков од 2021 до 2023 година им наредувал и им се заканувал на затворските полицајци да пуштаат тројца затвореници да излегуваат од затворот, иако не им следувал излез.

„Тројцата осуденици користеле погодности кои не ги следувале и не биле присутни во Затвор Струмица и по еден месец, а во евидентната книга, по наредба од пријавениот, било заведувано дека осудените лица биле присутни во затворот“, стои во соопштението на МВР.

Цветков негира дека давал такви наредби или им се заканувал на вработени во затворот. Ако имало закани, требало уште тогаш да ги пријават, вели тој.

Според извори од истрагата, еден од тие кои биле пуштани да се шетаат е Лазо Котуровиќ викан Д’лгио, за кого ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години посочуваше дека е поранешен личен телохранител на поранешниот премиер Зоран Заев и дел од „параполициски структури“ на СДСМ во Струмица.

Котуровиќ е осудуван за насилство, поседување муниција и за напад врз полицајци.

Директорот Цветков во 2021 година поднел предлог за условен отпуст на Котуровиќ од затворот, но струмичкиот суд го одбил предлогот.

Според соопштението на МВР, Котуровиќ воопшто не бил во Македонија додека се водел дека е во затвор.

„Во книгата за влез и излез од затворот, осудените лица не биле секогаш заведувани и по наредба на пријавениот се вршело бришење со коректор во книгата на други заведени осудени лица, а на нивно место се пишувал Л.К. Исто така, Л.К. се водел во затворот иако во моментот бил надвор од државата“, стои во соопштението од полицијата.

Цветков ги негира обвинувањата и вели дека никој не го известил дека недостигаат затвореници во затворот.

ВМРО-ДПМНЕ уште во 2018 година држеше прес-конференции дека Котуровиќ и луѓе од полициското обезбедување на Заев ја основале агенцијата за обезбедување Код Секјурити Груп, која, како што обвинуваа, е „новата параполициска структура на власта и на СДСМ која треба да биде дел од подземјето и да врши рекет, уцени, закани, како и политички притисоци“.

Цветков беше директор на струмичкиот затвор од 2018 до 2022, а потоа уште две години беше в.д. директор. Од 2022 година е лидер на струмичките социјалдемократи. Од директорската функција во затворот се повлече во февруари годинава во пресрет на парламентарните избори, на кои беше избран за пратеник.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Убиени три лица во пукање во шведскиот град Упсала

Дејан Дејан

Здравева: Дамките врз институциите се таложат една врз друга, постои генерална недоверба во институциите на системот

Дејан Дејан

Здравева: Бодувањето на членовите на ДКСК е како превртена пирамида, колку се повисоки на политичките партии, толку се пониски на граѓанското општество

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе