Седум години по поднесувањето на иницијативата, Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот за електронски комуникации, поврзани со чувањето и користењето на мета-податоците на корисниците.
Со оглед на тоа што се работи за одредби важни за борбата против криминалот и за националната безбедност, уставните судии одлучија да ја искористат новата деловничка можност и да му дадат рок од шест месеци на Собранието да ги смени спорните членови, за да не се создаде правна празнина со нивното укинување. Уставниот суд ќе ги испрати забелешките што ги има до Собранието, па ако пратениците за шест месеци не ги сменат, тогаш ќе ги укине.
На уставните судии им е спорна обврската за неселективно чување на мета податоците за сите корисници без исклучок во рок од 12 месеци. Друг спорен момент е што надлежните органи може да ги добијат тие податоци без судска одлука, и трет спорен момент е тоа што нема рок колку време надлежните органи може да ги чуваат тие податоци кои ги добиле без судска одлука.
Овде не се работи за прислушување или за следење на другите комуникации, туку за мета-податоците на корисници, или народски кажано податоци за комуникациите – кој кого барал, колку време разговарале, од кои уреди, на која локација биле, кој, кому, кога и од каде испраќал електронска пошта или кои интернет страници биле отворани. Овие податоци може да дадат многу информации за некој човек, каде се движи, со кого разговара, со кого соработува…
Според судиите, тоа е спротивно на член 17 од Уставот, кој ја гарантира тајноста на писмата и останатите комуникации кои можат да се откријат исклучиво со судска наредба и тоа само во случаите на кривична истрага и за заштита на безбедноста на државата.
Ова се многу важни податоци во борбата против криминалот, но законот мора да овозможи баланс меѓу јавниот интерес – борба против криминалот, и приватниот, односно заштита на комуникациите.
Неколку невладини организации и универзитетскиот професор Трпе Стојановски уште во 2017 година поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на четири члена од законот кои пропишуваат обврска телекомуникациските оператори да ги чуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12, и оти се должни тие податоци по барање да им ги достават на надлежните органи без судска одлука. Еден од спорните членови во меѓувреме беше префрлен во законот за следење на комуникациите, а другите три сè уште се на сила.
Законот за електронски комуникации беше донесен во 2014 година, и оттогаш 8 пати беше менуван, но спорните членови останаа.
Срѓан Стојанчов