Еден од највлијателните синдикати во САД, озлогласеното Меѓународно братство на тимстерите уживаше во додворувањето и од двајцата претседателски кандидати и нивните партии, но на крајот одлучи дека нема да поддржи ниту еден од нив.
Односно, уживаше нивното лидерство и пред се претседателот Шон О’Брајан, кој флертуваше со Трамп додека ѝ се додворуваше на Харис, па дури и одржа говор на Демократската конвенција во Чикаго минатиот месец, на која Камала Харис официјално ја доби партиската номинација.
Токму поради тоа демократите беа самоуверени дека Тимстерите се цврсто во нивниот табор, особено ако се земе предвид дека Харис доби јавна поддршка од сите останати синдикати.
Но, синоќа пристигна „студениот туш“ за кампањата на Камала Харис. Бордот на синдикатот гласаше 14 наспроти 3 за воздржување од објавување поддршка за било кој од кандидатите.
Во своето соопштение Синдикатот на Американските камионџии, кој брои 1,3 милиони членови, иако меѓу нив има и пилоти и вработени во складишта, соопшти дека не добил доволно гаранции од ниту еден од кандидатите за нивните главни барања.
Според нив, интерните анкети покажале дека меѓу членството нема јасен фаворит, иако, според дел од американските медиуми последните две покажале дека Трамп има поголема поддршка од Харис меѓу Тимстерите.
Најновата анкета, објавена на денот пред одржувањето на состанокот на бордот, покажала дека дури 60 проценти од Тимстерите ќе гласаат за Трамп, и најверојатно токму таа анкета играла голема улога во одлуката да не се поддржи ниту Харис, ниту Трамп.
Таа анкета исто така истакнува еден контраст кој постои кај Тимстерите, водството, како на локално, така и на национално ниво, сака да ја поддржи Харис, но мнозинството членство нема таква намера. Локалните организации во Њујорк, Мичиген, Невада, Калифорнија и Висконсин соопштија дека ќе ја поддржат Харис, и ја ставија во прашање валидноста на анкетата, но прашање е колкав број од нивното членство ќе ја следи таа насока.
Одбивањето на Тимстерите да поддржат еден од кандидатите се смета за поголем удар за Камала Харис, отколку што е за Доналд Трамп, и доаѓа само 50 дена пред изборите. Овој удар создава и нова главоболка за тимот на Харис, кој сега се прашуваа дали и членствата на сите останати синдикати од кои таа доби поддршка исто така го преферираат Трамп.
Тимот на Харис се надеваше дека Тимстерите, особено во неопределените држави Пенсилванија, Мичиген и Висконсин ќе играат огромна улога, каде што таа и Трамп се во мртва трка
Уште еден факт поради кој демократите беа самоуверени е усвојувањето на законот со кој се гарантираа пензиите, и во кој токму потпретседателката Харис го даде одлучувачкиот глас во Сенатот, како нејзина преднос во однос на Трамп кај Тимстерите. Дел од членовите на бордот, во позадина го обвинија претседателот О’Брајан дека исклучително лошо го водел синдикатот во текот на кампањата за претседателските избори, и неколкумина од нив најавија кандидатури на синдикалните избори предвидени за две години од сега.
Игор Трајков