Добра идеја е воведувањето механизам со кој градоначалник може да се разреши пред да му заврши мандатот, велат експерти со кои разговаравме. Не може да има механизам за разрешување на претседателот на државата, а да нема таков механизам за градоначалник на некоја општина. Сепак, условите треба да бидат строги и прецизни за да се спречат злоупотреби.
Градоначалникот на Кисела Вода и сериозен претендент за кандидат за градоначалник на Скопје на наредните избори, Орце Ѓоргиевски, вели дека прават тим од градоначалници кој ќе работи на измени на Законот за локална самоуправа со кои ќе се воведе можност градоначалникот да биде сменет пред да му истече мандатот.
„Ако некој е избран, како што јас сум бил избран, не значи дека можам сега 4 години да спијам, земајќи ја предвид состојбата дека не постои законска регулатива за некој да ме промени. Преголема е моќта на градоначалниците, на оние кои што ги водат општините, но пред сè, сите сме избрани од граѓаните. Сè почнува и завршува со граѓаните. Мора да има механизам, според кој ќе може и порано да одлучи некој за вашиот мандат“, вели градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓоргиевски во интервју за Радио Слободна Европа.
Според Законот за локална самоуправа, на градоначалникот може да му престане мандатот во случај на смрт, оставка, ако биде осуден на повеќе од 6 месеци затвор, ако му биде одземена деловната способност, поради неспоивост на функции, ако шест месеци неоправдано не доаѓа на работа или ако се пресели од општината.
Во стариот закон за локална самоуправа од 1996 година, имаше можност граѓаните на референдум да му изгласаат недоверба на градоначалникот, но од 2002 година таа можност беше укината.
Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис вели дека е добро да се размислува за механизми за да може да се смени градоначалник пред да му заврши мандатот.
„Опции како локален референдум со одреден праг на излезност со кој може да се отповика градоначалникот или пак тоа да се случи во рамките на Советот, најчесто со одредено квалификувано мнозинство, мислам дека се чекори во вистинска насока коишто ќе го принудат градоначалникот ем да работи како што треба, ем да прави компромиси и коалиции со поголем дијапазон на интереси, претставени преку различните советници во Советот“, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис Скопје.
Поради конфликтот меѓу советниците од ВМРО-ДПМНЕ и скопската градоначалничка Данела Арсовска, Град Скопје и комуналните претпријатија не си ја работат работата како што треба. Градоначалниците на скопските општини побараа од владата да ѝ ги одземе на Арсовска ингеренциите за јавните претпријатија Комунална хигиена и Паркови и зеленило, и оти тие ќе се погрижат за хигиената и парковите, но министерот Перински рече дека нема законска можност за тоа.
Арсовска стана градоначалничка кон крајот на 2021 година со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, но по неполна година се скараа поради тендерот за пречистителната станица тежок над 160 милиони евра.
Оттогаш, скопјани се жртва на нарушените односи меѓу нив.
Срѓан Стојанчов