Вести Македонија Топ вести

Претреси кај бизнисмен близок до Заеви, министерката за финансии се пофали дека лично учествувала во акцијата

Hotel Vila Park Strumica

Обвинителството отвори предистражна постапка против струмички бизнисмен, министерката за финансии се пофали дела лично учествувала во акцијата, иако нема овластувања.

Обвинителството за организиран криминал соопшти дека има основи за сомневања за даночно затајување, даночна измама и перење пари.

Еуростандард банка, копање јаглен во РЕК Битола, случајот Синџир, шверцување брендирана гардероба, поврат на ДВВ… Ова се неколку случаи со кои во изминатите години медиумите или тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, директно или индиректно, го поврзуваа струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов. ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека се работи за бизнисмен близок до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев и оти неговиот хотел Вила Парк во Струмица е „омиленото место на фамилијата Заеви за собирање рекет“.

Токму овој хотел беше една од локациите на кои полицијата вчера изврши претрес во рамки на предистражната постапка за даночно затајување, даночна измама и перење пари.

Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера соопшти дека издало наредби за претрес на дом и други простории на повеќе локации во повеќе градови. Биле запленета бројна документација и електронски записи, кои ќе се анализираат. Четири лица биле на распит во обвинителството во врска со случајот, но биле пуштени.

„Ова е еден од предметите кои што слободно можам да кажам дека има основани сомненија дека станува збор за епски криминал кој за жал повторно е на штета на буџетот на Македонија односно на парите на народот. Првичните информации се дека станува збор за милионски суми кои што се последица на неколку кривични дела“, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Обвинителството соопшти дека во акцијата учествувале УЈП, полицијата и нивни истражители, но министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочоска на Фејсбук се пофали дека лично учествувала во акцијата во Струмица, иако нема никакви овластувања.

Во обвинителството за гонење организиран криминал велат дека тие ја координирале работата на истражителите и оти не ни знаеле дека министерката била во Струмица.

Во Министерството за финансии прашавме каква била нејзината улога, но не добивме одговор.

ВМРО-ДПМНЕ уште во 2020 година обвини дека пет фирми поврзани со Крмзов за само четири месеци по основ на поврат на ДДВ испумпале од буџетот над 5 милиони евра.

„Дали за сите овие фирми се поврзуваат со контроверзниот струмички бизнисмен Ристо Крмзов во чија сопственост е и фамозната „Вила Парк“ омиленото место на фамилијата Заеви за собирање рекет“, праша во 2020 тогаш портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Партијата исто така обвини дека Крмзов шверцувал брендирана гардероба, а власта го толерирала.

Според извештајот на тогашниот стечаен управник Душко Тодевски од 2020 година, во моментот на пропаѓањето на Еуростандард банка, фирми поврзани со Крмзов за неплатени кредити должеле над 8 милиони евра, односно над 10 отсто од сите побарувања на банката. Сопственикот Трифун Костовски тогаш рече дека немал врска со Крмзов, но оти се сомнева дека кредитите ги добивал поради блискоста на директорот на банката Николче Петкоски со премиерот Заев, со кого, пак, Крмзов бил близок.

Оштетените штедачи од Еуростандард денеска повторно прашаа зошто нема одговорност за криминалот во Еуростандард, четири години по пропаѓањето.

Битолската фирма СВ-Инвест на бизнисменот Стојан Чифлигароски од 2018 до 2020 година добиваше милионски тендери од РЕК Битола. Премиерот Христијан Мицкоски во 2018 обвини дека оваа фирма работи со камиони на Вице Заев, но се испостави дека Чифлигароски ги купил камионите од Крмзов, кој претходно ги презел од фирма на Заеви.

Чифлигароски неколку години е во бегство, зашто е осомничен за даночно затајување и перење пари во случајот Синџир, во кој беа опфатени дваесетина фирми, сопственици и директори.

Првоосудениот во случајот Сашо Вучков рече дека не видел ни денар од испраните пари, кои ги носел во Вила Парк во Струмица, каде му ги предавал на дете по име Јосе.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Убиени три лица во пукање во шведскиот град Упсала

Дејан Дејан

Здравева: Дамките врз институциите се таложат една врз друга, постои генерална недоверба во институциите на системот

Дејан Дејан

Здравева: Бодувањето на членовите на ДКСК е како превртена пирамида, колку се повисоки на политичките партии, толку се пониски на граѓанското општество

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе