Во текот на ноќта Украина изврши масовен напад со беспилотни летала на неколку руски региони, меѓу кои Брјанск, Москва, Тула, Калуга, Белгород, Курск, Орел, Воронеж, како и во регионот Краснодар, пишува Киев Индипендент.
Гувернерот на Московската област Андреј Воробјов изјави дека во нападот е убиена 46 годишна жена, а уште тројца цивили се ранети во градот Раменское, 46 километри југоисточно од Москва.
Дел од медиумите повикувајќи се на официјални информации објавуваат дека во нападот загинало и деветгодишно дете.
Руската противвоздушна одбрана соопшти дека синоќа соборила вкупно 144 украински беспилотни летала, од кои 20 над Московската област, објави руското Министерство за одбрана на социјалната мрежа „Телеграм“.
Локалните жители објавија видеа од експлозии над регионот Брјанск, а гувернерот Александар Богомаз рече дека воздушната одбрана соборила 59 украински беспилотни летала.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, исто така, потврди дека во текот на ноќта над московскиот регион биле соборени повеќе од десет дронови.
Поради нападот доцнат неколку домашни и меѓународни летови од аеродромот Внуково, пишува РИА Новости.
Аеродромот Домодедово во московскиот регион беше затворен во раните утрински часови.
Уште 12 беспилотни летала беа соборени над регионот Курск.