Вести Македонија Топ вести

Со прецизна статистика до полесна борба против корупцијата

Прецизната и навремена статистика е многу важна во борбата против корупцијата, но голем дел од податоците не се објавуваат.

Професор Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје вели дека колку е поголема транспарентноста на институциите преку објавување на податоците, толку е поголема веројатноста некој да биде фатен во корупција.

„Нема план на Државната комисија за спречување на корупција и други стратешки документи каде што не е наведено дека недостигаат статистички податоци врз основа на кои може да се донесе определена одлука или да се преземе одредена мерка, посебно во борбата против корупција. Значи, достапноста до податоци е особено важна во овој дел. Не зборуваме само за Државниот завод за статистика, секоја институција од јавниот сектор има обврска да собира свои податоци и тие да ги направи достапни. Постои закон од некаде 2014 за отворени податоци во јавниот сектор, кој не се почитува во целост, а кој треба силно да се почитува, односно сите треба да ги отворат своите податоци“, вели професор Борче Треновски од Економскиот факултет во Скопје.

Според него, клучно е објавување конкретни и детални податоци за трошењето на јавните пари, за да се види за што се потрошени парите и дали се добиени стоките и услугите кои се платени. Тој посочува дека голем проблем се локалните статистики од општините.

„Ако се постави статистички индикатор, тој ќе биде црвено знаме кое јасно ќе покаже дали определена политика или мерка е спроведена, не е спроведена или лошо е спроведена. Тогаш ќе ги држиме на отчет и политичарите и креаторите на политиките и ќе ја бараме причината зошто е тоа така – дали во позадина има некој корупциски интерес, или е законски проблемот или има недоволно ресурси итн. Ние во оваа ситуација, кога немаме поставено детален статистички систем, имаме проблем да го направиме тоа“, вели Треновски.

На дискусијата во организација на Националната конвенција за Европската унија во Северна Македонија, в.д. директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков рече дека тие се доверлив извор на статистички податоци кој добива добри оценки за работа од ЕУ, но се осврна и на проблемите со кои се соочуваат во работата.

„Нема да биде пристрасно ако констатирам дека во последните години институционалниот капацитет на Заводот е значително намален, како резултат на намалени човечки ресурси, како и недоволно инвестирање во информатички системи за производство на статистички податоци. Мора да бидеме свесни дека зголемената употреба на административни извори за статистички цели значи и поддршка и разбирање и од носителите на збирките на податоци, нешто што не било случај во минатото“, вели в.д. директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков.

Дел од дискутантите посочија дека доброто водење на статистиката е важно не само поради ЕУ, туку и за развојот на македонското општество.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Убиени три лица во пукање во шведскиот град Упсала

Дејан Дејан

Здравева: Дамките врз институциите се таложат една врз друга, постои генерална недоверба во институциите на системот

Дејан Дејан

Здравева: Бодувањето на членовите на ДКСК е како превртена пирамида, колку се повисоки на политичките партии, толку се пониски на граѓанското општество

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе