Семејствата на Американците, кои се заложници на Хамас од 7 октомври во Појасот Газа, ќе испратат петиција до администрацијата на претседателот Џо Бајден да се договори со палестинската група за ослободување на нивните најблиски.
Договорот нема да ги вклучи Израелците, кои се обидуваат да ги ослободат киднапираните израелски граѓани.
Се претпоставува дека 97 од 251 заложник земен од Хамас се уште се во Појасот Газа, меѓу кои и седум американски државјани.
Меѓувреме во тек се преговори меѓу Израел и Хамас за постигнување договор за прекин на огнот со посредство на странски претставници но до сега сите обиди беа безуспешни.
Хамас го обвинува Израел дека ги одолговлекува повеќемесечните преговори со објавување нови барања, вклучително и за трајна израелска контрола над коридорот Филаделфија долж границата со Египет и на уште еден коридор што минува низ Газа.
Хамас понуди да ги ослободи сите заложници во замена за крај на војната, целосно повлекување на израелските сили и ослободување на голем број палестински затвореници – генерално условите што се бараат во нацртот за договорот што го предложи претседателот Џо Бајден во јули.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети „тотална победа“ над Хамас и го обвини за неуспехот на преговорите.