Вести Македонија Топ вести

Два месеци без плата вработените кои преминаа од Агенцијата за спорт и млади во Министерството за спорт

Четириесетина вработени во Агенцијата за спорт и млади, кои преминаа во новоформираното Министерство за спорт веќе два месеци не зеле плата, а може да останат и без третата. Цел месец немаат ниту здравствено осигурување поради проблеми со трансформацијата на нивниот работен однос од Агенцијата во новоформираното Министерство за спорт.

Министерот Борко Ристовски вели дека процедурата за трансформација е при крај и оти до крајот на наредната недела сите ќе добијат нови решенија и ќе ги добијат заостанатите плати.

Со измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, беше укината Агенцијата за спорт и млади, а беше формирано Министерство за спорт.

Вработените во Агенцијата, кои вршеле работи од областа на младите, преминаа во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а вработените кои се занимавале со спорт преминуваат во новоформираното Министерство за спорт.

Оние кои преминаа во Министерството за спорт не зеле плата за јуни и за јули, а од почетокот на август немаат ниту здравствено осигурување.

Министерот за спорт Борко Ристовски вели дека по донесувањето на ребалансот на буџетот, почнал делбен биланс со Министерството за социјала, демографија и млади, кои се правни наследници на Агенцијата. Според него, усогласувањето е направено во најкус можен рок.

„По донесување на нова систематизација ќе следат решенија, трансфер на вработените и исплата на сите заостанати плати за кои се обезбедени средства“, вели Ристовски во писмената изјава.

Собранието ги донесе измените на Законот за органите на државната управа на 7 јуни, два дена подоцна претседателката го потпиша, а на 10 јуни беше објавен во Службен весник. Кон крајот на јуни, биле одземени печатите од Агенцијата, а досегашниот директор Наумче Мојсовски беше разрешен на 7 август.

Министерот Ристовски вели дека процедурата за бришење на Агенцијата за спорт и млади од Централниот регистар е во тек, по што ќе биде изгасната и нивната банкарска сметка, а парите ќе ги преземе министерството.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Убиени три лица во пукање во шведскиот град Упсала

Дејан Дејан

Здравева: Дамките врз институциите се таложат една врз друга, постои генерална недоверба во институциите на системот

Дејан Дејан

Здравева: Бодувањето на членовите на ДКСК е како превртена пирамида, колку се повисоки на политичките партии, толку се пониски на граѓанското општество

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе