Вести Свет

Поранешниот конгресмен Џорџ Сантос постигна договор со обвинителите, се соочува со казна затвор до осум години

Поранешниот член на Претставничкиот дом, Џорџ Сантос, кој беше отстранет од Конгресот по речиси дваесетина кривични обвиненија, вчера склучи договор со обвинителите да признае вина по сите точки од федералната тужба против него.

Сантос призна вина за вршење измами преку електронска пошта и кражба на идентитет.

По години лажење, поранешниот конгресмен Џорџ Сантос стоеше во судницата зад мене и конечно, под заклетва, ја кажа вистината. А вистината е дека тој е криминалец, изјави обвинителот Бреон Пис. Сантос призна вина за сериозни злосторства поврзани со измама и кражба на идентитет. Тој исто така призна дека ги извршил сите други злосторства за кои беше обвинет во дополнителното обвинение. Како резултат на тоа, тој конечно ќе биде одговорен за своите постапки, истакна Пис.

Тој рече дека според договорот, Сантос ќе добие затвор од најмалку две години, иако судијата изјави дека договорот за признавање вина може да вклучи проценет опсег на казна меѓу шест и осум години. Изрекувањето на казната е закажано за 7 февруари, 2024 година во федералниот суд во Централ Ајслип, Њујорк.

Според договорот, Сантос ќе мора да исплати најмалку 373.000 долари оштета. Сантос зборуваше во судницата, признавајќи низа злосторства. Зборуваше толку брзо што судијата мораше да му каже да забави, објави синоќа „Си-Би-Ес Њус“.

Тој призна дека вршел измама додека користел кредитни картички на најмалку едно физичко лице а за своја лична корист, како и дека дал лажни изјави на Федералната изборна комисија. Тој исто така призна дека извршил измама со електронска пошта помеѓу септември и октомври 2022 година.

Покрај тоа што призна вина за тие злосторства, Пис изјави дека Сантос исто така признал „долг список“ други злосторства, „за кои судот ќе го држи одговорен при изрекувањето на казната.“

Сантос успеа да влезе во Конгресот како републикански пратеник од округ во Њујорк и таму остана 11 месеци пред да биде изгласано негово отстранување поради обвиненијата за измама. Една од точките наведува дека тој користел кампањски средства од неговиот избор за во Конгресот за купување скапоцености и модна облека. Во друга се вели дека тој подло лажел во својата биографија за да добие пратеничко место за време на конгресните избори во 2022 година.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мапи со горливи точки објави ЦУК – централниот дел на земјава под висок ризик од пожари

Дејан Дејан

Припадник на АРМ убиен во престрелка во Батинци, се трага по убиецот

Дејан Дејан

Уапсен битолчанец кој со нож нападна сограѓанин на пазарот во Битола

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе