Откако синоќа соопшти дека Израел се согласил на условите од спогодбата за прекин на огнот во Газа, американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја продолжи турнејата во регионот со цел не само завршување на војната во појасот, туку и избегнување проширување на конфликтот.
Интензивирањето на американските дипломатски напори следува по растот на тензиите во регионот изминативе неколку недели, откако Израел елиминираше двајца високи претставници на Хамас и Хезболах, со напади во Техеран и Дамаск.
Одмазда за атентатите најавија и Иран и Хезболах, поради што САД распореди нови борбени бродови и авиони во источниот Медитеран и Црвеното Море.
Целта на ова распоредување на овие средства не беше да се испровоцира агресија, туку да се одврати. За да се осигуриме дека тоа нема да се случи, но и да порачаме дека доколку се случи, ние сме целосно подготвени да го браниме Израел. Ова го поддржавме со интензивна дипломатска кампања, односно глобална дипломатска кампања, соработувајќи со држави ширум светот за да испратиме силна порака до сите засегнати страни, да не преземаат чекори кои ќе ги ескалираат тензиите, и со тоа провоцирајќи поголем конфликт, изјави блинкен.
По два и пол часовната средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Блинкен не соопшти детали околу спогодбата, односно дали бил постигнат некаков компромис околу израелскиот услов, за задржување на контролата врз два стратешки коридори внатре во појасот Газа, нешто што Хамас досега категорично го отфрлаше.
Палестинската организација која досега ја контролираше Газа, сѐ уште не се изјаснила за предлог спогодбата, за која не се знае многу повеќе, освен дека е произлегува од предлогот на американскиот претседател Џо Бајден, кој им беше претставен на двете страни минатиот месец.
Пред неколку денови поднесов предлог кој нѐ доближи повеќе за разлика од сѐ што направивме од 7 октомври. Работиме без престан, со мојот Државен секретар, да спречиме поголема војна и да ги вратиме заложниците кај нивните семејства, како и да ја зголемиме помошта во Газа, хуманитарна, медицинска и храна, рече бајден.
Американската администрација го искористи моментот на зголемени тензии во регионот, да притисне за постигнување договор, стравувајќи дека тоа нема да биде можно по претседателските избори во ноември, по кои може да следуваат промени во американската надворешна политика.
Игор Трајков