Вести Македонија Топ вести

Се судрија безбедносните протоколи и народните обичаи – институциите сѐ уште го проверуваат патувањето на Гаши на свадба во Косово

Спикерот Гаши ги испочитувал и обичаите и протоколите и тука нема ништо спорно. Коалицијата Вреди која е дел од Владата застана во одбрана на првиот човек на Собранието.

Од Вреди велат дека немаат информации дали на колоната на Гаши се придружиле и други приватни возила, но конкретно спикерот мора секаде да оди со службено возило и обезбедување – како втор човек во државата.

Запрашан дали Гаши имаш патен налог за патувањето на свадба во соседно Косово, портпаролот на коалицијата Вреди одговори дека тоа треба да го каже МВР како институција.

„Ваквите ситуации каде што ред возила одат по невестата е дел од обичајот којшто се спроведува на секоја свадба – и албанска и македонска. И јас не гледам ништо лошо во тоа да се спроведе конкретен обичај на еден народ. Преминувањето на граничен премин е предвидено според безбедносните мерки, претседател на Собрание, високи државни лица да можат да поминат беспрекорно и да не бидат застанати во ред со други возила“, вели Фари Исени, портпарол на Вреди.

Од МВР засега нема информации дали со возилото во коешто се возел спикерот Гаши поминале и други, приватни возила „на брза лента“ на граница, ниту пак кога е пријавено патувањето во институцијата.

Од Министерството за внатрешни вчера соопштија дека надлежните служби вршат соодветни проверки за да се утврди фактичката состојба, а јавноста очекува одговори – дали имало некакви безбедносни пропусти во целиот случај.

Додека институциите проверуваат, реагираат и од опозицијата. Од СДСМ го нарекуваат спикерот „скандал-мајстор“, а за институциите сметаат дека се обидуваат да го заташкаат случајот.

Бараат од МВР да ги покаже патните налози на Гаши.

„Го прашуваме скандал-мајсторот Гаши да одговори пред граѓаните дали е етички со службено возило да оди по невеста во Косово. Дали знае дека тој може со приватно возило да патува и покрај тоа што неговото обезбедување може да користи службени возила. Дали знае дека е понижување за државата вториот човек по ранг да оди по свадби и по невести, со службено возило во соседни држави?!“, вели Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за носител на таква позиција има задолжителен протокол и постојана придружба и дека токму необезбедувањето претставува прекршок за санкција.

Од кабинетот на претседателот на Собранието вчера соопштија дека патувањето на Гаши заедно со неговото семејство било усогласено со сите потребни процедури и МВР и МНР биле соодветно известени.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео)Бел чад од Сиктинската палата – Избран нов Папа на римокатоличката црква

Дејан Дејан

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

Силјановска: Книгите што ги читаме, на кои се навраќаме, многу повеќе говорат за нас, од било кое CV

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе