Се договорија да се договорат, ама не се големи оптимисти. Ова е епилогот од средбата на градоначалничката Данела Арсовска со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински на која се разговараше за решавање на проблемите на Градот Скопје.
„Практично можам да кажам дека уште позагрижени сме сега, него пред да почне состанокот. На кратко, нашите очекувања како Влада беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби кои што ќе можеме ние како Влада да помогнеме за тој план да се реализира. Но, од нивна страна не слушнавме ништо конструктивно. Очајна е состојбата во Градот, очајна е состојбата во јавните претпријатија“, изјави Перински.
На состанокот констатирале дека немањето комуникација меѓу советничките групи во Советот на Град Скопје е голем дел од проблемот. Разговарале за состојбата во јавните претпријатија Комунална хигиена и ЈСП, каде што состојбата е најкритична. Има локации во градот каде што сметот не се подигнува на време, а недостигот на автобуси и сега е очигледен. Недостигаат 40 автобуси да се покрие летниот возен ред, но проблемот ќе биде уште поголем за десетина дена кога учениците ќе се вратат на школо, па ќе има потреба од повеќе и почести автобуси.
„Градоначалничката предложи до крајот на оваа недела да состави некаков план кој што пред се ќе биде презентиран пред советниците во рамки на Советот на Град Скопје, иако нашите очекувања не се големи, морам да признам, за жал. Во таа насока ќе почекаме до крајот на неделата што од нивна страна ќе биде предочено како потреби кои што оваа Влада да речеме ќе може да помогне“, рече Перински.
Тој рече дека не разговарале за барањето на градоначалниците на скопските општини владата да му ги одземе ингеренциите на Град Скопје за јавните претпријатија Комунална хигиена и Паркови и зеленило, зашто сметаат дека тие подобро можат да се грижат за чистотата и за јавното зеленило. Според него, тоа нема да ги реши проблемите на скопјани.
Арсовска при доаѓањето во владата најави дека ќе одржи прес-конференција во просториите на Град Скопје.
Ова беше прва средба меѓу Арсовска и Мицкоски по расколот во 2022 година.
До средбата дојде откако премиерот им даде „разумен рок на Арсовска и претпријатијата да почнат со работа“, а таа предложи формирање на посебно координативно тело со Владата за скопјани да добијат град „каков што заедно во 2021 година ветија градоначалничката и актуелниот премиер“.
Минатиот месец, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која има мнозинство во Советот на Град Скопје, по 20-ти пат не го изгласа предлогот на градоначалничката Данела Арсовска за набавка на нови автобуси. Советниците велат за тоа не се предвидени пари во буџетот.
Арсовска стана градоначалничка кон крајот на 2021 година со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, но по неполна година се скараа поради тендерот за пречистителната станица тежок над 160 милиони евра. Директор на скопски водовод тогаш беше токму сегашниот министер Перински.
Арсовска тогаш обвини дека ги фатила директорчињата на Мицкоски со рачињата во медот, но не спомена конкретни имиња.
Оттогаш скопјани се жртва на нарушените односи меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, чија советничка група има мнозинство во Советот на Град Скопје.
Срѓан Стојанчов