Украинските сили уништија стратешки важен мост на реката Сејм, додека продолжува со упадот во руската област Курск.
Со ова според руски официјални лица украинската операција во близина на градот Глушково отсече дел од локалниот округ.
Мостот го користеше Кремљ за снабдување на своите војници со залихи и неговото уништување може да ги попречи нивните напори.
Претседателот Володимир Зеленски рече дека украинските војници ги зајакнуваат своите позиции во Курск и ги нарече заземените територии фонд за размена, што имплицира дека тие би можеле да бидат заменети со украинските региони окупирани од Москва.
Во својата втора недела, ова е најдлабокиот упад на Украина во Русија откако Москва ја започна својата целосна инвазија пред повеќе од две години.
Ненадејната прекугранична операција на Украина резултираше со повеќе од 120.000 луѓе кои беа евакуирани на безбедно.
Но, среде украинските претензии за територијални придобивки, Киев постојано тврдеше дека не сака да ја окупира Русија.
„Украина не е заинтересирана за окупација на руски територии“, изјави во петокот високиот помошник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михаило Подољак.
Тој рече дека една од клучните цели што ја сакале од нивниот упад во Русија е да ја натераат Москва да преговара „по нивни услови“.
„Во регионот Курск, можеме јасно да видиме како објективно се користи воената алатка за да се убеди Русија да влезе во фер преговарачки процес“, напиша тој на „X“, додавајќи дека Киев покажал „ефективни средства за принуда“.
Шефот на украинската војска, Олександр Сирски, вчера изјави дека офанзивата постигнала дополнителен напредок.
„Војниците на офанзивната група продолжуваат да се борат и напредуваа во некои области од еден до три километри кон непријателот“, реферираше Сирски пред претседателот Зеленски во видеото објавено на социјалните мрежи.
Сирски рече дека се надева дека ќе земе „многу затвореници“ од битката во селото Мала Локња, на околу 13 километри од границата.
Како што продолжува напредувањето на Украина, официјални лица во рускиот регион Белгород, кој се граничи со Украина, рекоа дека ќе евакуираат пет села почнувајќи од почетокот на следната недела.
„Од 19 август, го затвораме пристапот до пет населени места, ги отстрануваме жителите и им помагаме да го изнесат својот имот“, напиша гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков на социјалната мрежа Телеграм, наведувајќи ги малите села во близина на границата.
Меѓутоа, како што Украина се движи понатаму кон западна руска територија, руските сили подеднакво остваруваат придобивки на истокот на Украина.
Вчера, Москва соопшти дека нејзините трупи ја зазеле Серхиивка, последниот во низата градови превземени од страна на руските сили во последните недели.
Најновите достигнувања ги приближуваат Русите до градот Покровск, витален логистички центар што се наоѓа на главниот пат за снабдување на украинските војници долж источниот фронт.
Пораката од шефот на градската воена администрација, Сергиј Добриак, во четвртокот ги повика луѓето да се евакуираат бидејќи Русија „брзо се приближува кон периферијата“ на градот.