Вести Свет

Украинскиот продор во Русија продолжува, прогласена вонредна состојба и во Белгород

Осум денови од почетокот на украинската офанзива во регионот на Курск руската армија сѐ уште не може да го запре, иако нејзината команда го тврди токму спротивното. Оваа исклучително ефикасно спроведена операција на украинската армија ги фати Русите сосема неподготвени, беше неопходна по серијата повлекувања на Украинците во Донбас, каде полека но сигурно отстапуваат пред руската армија.

Изминативе 24 часа нашите единици напредуваа во конкретни насоки, од еден до три километри. Преземавме контрола врз територија од над 40 квадратни километри. До денеска, 74 населби се под наша контрола. Борбите продолжуваат долж целата линија на фронтот. Ситуацијата, и покрај високиот интензитет на борбите, е под контрола. Продолжуваме со спроведувањето на операцијата, му даде на претседателот Зеленски извештај за ситуацијата шефот на Генералштабот на украинската армија Олександр Сирски.

Последниот удар за Русите беше одлуката на гувернерот на Белгород да прогласи вонредна состојба во неговиот регион, кој граничи со Курск, за да се справи со секојдневните украински напади.

Ситуацијата во Белгород продолжува да биде исклучително тешка и тензична. Има секојдневни гранатирања од украинските сили, уништени домови, повредени и загинати цивили, изјави гувернерот Вјачеслав Гладков.

Во регионот на Курск, повеќе од 120.000 цивили ги напуштија своите домови, упатувајќи се кон истоимениот главен град на областа. Некои од нив избегале пред борбите да стигнат до нивните домови, додека други заминале затоа што немале основни услови за живот.

Немаше светло, комуникации, вода, ништо немаше. Како сите да заминале на друга планета а ти си останал сам. И птиците престанаа да пеат. Хеликоптери, авиони и гранати прелетуваат, што требаше да правиме? Оставивме сѐ, рече еден од евакуираните од Курск.

По повеќе од една недела од почетокот на украинскиот упад, започнаа анализите како Киев максимално да го искористи овој спектакуларен успех на бојното поле на среден и долг рок, како и дали Украинците треба да започнат да размислуваат за повлекување, или пак окупација на освоениот дел руска територија.

Разговарам со моите советници на редовна основа, можеби на секои 4 до 5 часа, изминативе 6 до 8 денови. Ова создава вистинска дилема за Путин. Во постојан директен контакт сме со Украинците, и тоа е сѐ што ќе кажам додека се одвива, порача американскиот претседател Џо Бајден.

Голем дел воени аналитичари сметаат дека Киев ја постигнал целта и треба да се повлече пред Русите да мобилизираат доволно средства да ги отсече, неутрализира или зароби единиците кои ја спроведоа оваа импресивна операција. Други сметаат дека Украинците треба да ги вкопаат своите позиции во Русија и оваа окупирана територија да ја искористат во евентуални мировни преговори со Москва.

Но, цената за тоа може да се покаже како премногу висока, не само затоа што снабдувањето на овие сили ќе биде логистички кошмар, туку и затоа што повторно понижениот Путин нема да дозволи ова да помине неказнето.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европратениците утре ќе гласаат за извештајот за Македонија

Дејан Дејан

Ангелов: Имаме доброволци, имаме професионалци од ТППЕ, цврсто сум решен да направам и специјалци пожарникари

Дејан Дејан

Ангелов: Зад сите пожари, би рекол, стои човечки фактор, лани имавме неколку пожари од грмотевици и од допир на жици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе