Вести Македонија Топ вести

Копањето руда создава ризици од ископување корупција

Внимавајте на ризиците од корупција во енергетиката и ископувањето на минерални суровини, порачуваат невладините. Новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ветува крајна транспарентност и намалување на корупцијата.

Институтот за демократија Социетас цивилис Скопје констатира дека користењето на природните ресурси носи многу пари, па надлежните институции стануваат подложни на корупција дури и во државите со добро развиени антикорупциски политики.

Се очекува концесионерите на минерални суровини да лобираат за закони во нивна корист. Постои ризик службеници или функционери да имаат лична добивка од заработката на компаниите, па да носат одлуки во нивна корист и третиот ризик се слабите човечки и материјални ресурси на министерството и инспекторатот.

Честопати рударството е поврзано со корупција. Имате големи светски скандали каде што компании што се занимаваат во ископ се вклучени во подмитувања и во различни судски процеси низ светот. Тоа е едно. И второ е во енергетиката каде што домашните и регионални политички играчи, нивни блиски лица или на некој начин поврзани компании оперираат во домашниот и регионалниот пазар. На кој начин Министерството ќе изгради антикорупциски капацитети за да креира некаква отпорност од донесување на одлуки во корист на компанија, а не толку во корист на државата и граѓаните, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија Социетас цивилис Скопје.

Тие препорачуваат пратениците да бидат внимателни во носењето на законите и да се консултираат со експертската јавност, да ја известуваат Антикорупциската комисија за секој обид за лобирање, да побараат од министрите да го прават истото, и да обезбедат повеќе пари за инспекторатите.

Во Министерството најавуваат крајна транспарентност и јавна дебата за секое прашање.

Токму енергетиката е делот каде се направени најголемите криминали за што досега неколкупати алармирале и од Државниот завод за ревизија но без никаков успех. Ова Министерство е формирано за да се намали корупцијата, велат во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Државниот завод за ревизија во последниот извештај констатира дека  од 2018 до 2022 година државата наплатила само 1 процент од остварените приходи од продажбата на концесионерите што ископувале мермер, што создава сомнеж за корупција.

Внуците на лидерот на ДУИ Али Ахмети пак се сомничат дека не ги плаќале ни тие пари. Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против браќата Бесијан и Дрин Ахмети, внуци од брат на лидерот на ДУИ, зашто нивната фирма копала варовник во кичевско, но не уплаќале пари во државниот буџет согласно концесискиот договор и со тоа го оштетиле буџетот за 1,6 милиони денари, односно 27 илјади евра. Пријавени се уште седум други лица, од кои петмина вработени во Министерството за економија и двајца во Државниот инспекторат за техничка инспекција, бидејќи пропуштиле да спроведат должен надзор и да утврдат – дека фирмата не си ги плаќа обврските.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ликвидацијата на Хаменеи нема да го ескалира конфликтот, туку ќе го заврши, порачува Нетанјаху

Дејан Дејан

Иран сака прекин на огнот со Израел и продолжување на преговорите со САД, тврди „Волстрит Џурнал“

Дејан Дејан

МПЦ-ОА доби нов митрополит, но дали тоа ќе ги смири или уште повеќе ќе ги засили поделбите внатре во Црквата?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе