Уште едно лето е пред читателите во кое купуваат книги на попусти што ги носат на плажа или на други дестинации, каде што се одмораат. Велат, кога има попусти купуваат повеќе за да ги обноват домашните библиотеки. А, изборот го прават според сопствените афинитети.
„Од некои автори ги собирам комплетите. На пример , од Божин Павловски ги имам сите. Од Блаже Ристовски собирам, бидејќи тој пишува , да речеме за Кочо Рацин. Од странскиве, да речеме посебни ми се криминалистичкиве романи“, вели повозрасен скопјанец.
„Психологија, дека тоа сакам да го учам и тоа го читам“, рече младо момче.
„Романи и езотерија. Повеќе ги преферирам странските автори“, ни изјави скопјанка.
Од „Клуб Матица“, каде белетристиката летово се продава по намалени цени од 199 денари за книга, а постои и голем интерес за набавка преку интернет, бележат мал пад на интересот за купување книги ова лето во однос на минатото.
„Малку во минус, ако може така да се каже , затоа што куповната моќ на читателите, финансиски не е иста. Меѓутоа „ Матица“ се труди секогаш да направи цени кои што би биле прифатливи за секоја читателска група . Така што се чувствува, но разликата е мала“, изјави Елизабета Поповска, референтка за продажба во „Клуб Матица“.
А, во издавачкиот центар „Три“, каде нудат попусти до 70% за одредени изданија, имаат неделни акции, а продаваат и пет или три книги за 500 денари, велат дека интересот за купување летово е приближно ист како и минатото.
„Особено има разлика кога има попусти. Тогаш е секако зголемена продажбата. Но, кога имаме летни денови со три различни понуди, особено нови наслови кога има, мислам дека тогаш се зголемува посетеноста“, изјави Милена Силјановски од издавачки центар „Три“.
Од „Клуб Матица“ велат дека најбарана им е книгата од жанрот трилер „Читачот на трупови“ од Антонио Гаридо, а во „Три“ од истиот жанр се издвојува „Фифти-Фифти“ од Стив Кавана. Интерес има и за романсите, за класиката „Браќа Карамазови“ од Достоевски, но и за збирката есеи од Румена Бужаровска „Господ, па Америка“ и за романот на годината „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска.
Сотир Трајков