Вести Македонија Топ вести

Кратово со најголеми, Желино со најмали загуби на вода

Zagubi na voda, puknata cevka, vodovod

Кратовскиот водовод е апсолутен рекордер по загуби на вода во земјава. Според достапните податоци, минатата година дури 87 отсто од водата што влегла во градскиот водовод не поминала низ водомерите на корисниците.

Второто место, со загуби од 86 проценти, го делат водоводните претпријатија во Вевчани и во Теарце, а по 85 отсто од водата се губи во Дебар и Македонска Каменица.

Под загуби на вода се подразбира нефактурираната вода, односно разликата од количината на вода што влегла во водоводниот систем и таа што излегла низ водомерите на корисниците. Загубите се должат на протекување на цевките, кражбите на вода или на непрецизни мерни инструменти.

Во кратовскиот водовод велат дека замениле голем дел од водоводната мрежа и очекуваат загубите драстично да се намалат.

„Околу 70 отсто е сменета со нова. Со тоа загубите се намалени за 50 до 60 проценти. Останатите се тие локалните мрежи до домаќинствата, не се сменети старите инсталации поради инфраструктурата. Низ дворови проаѓаат, преку една куќа, па преку двор на комшијата, тие се проблематични, па потпорни ѕидови. Тешко е изводливо за замена, да се стават нови полиетиленски или ППР цевки. Овие се стари поцинковани, ‘рѓосале и пропуштаат“, вели директорот на кратовскиот водовод Момчило Ристиќ.

Извештајот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги покажува дека над 62 проценти од водата во Македонија се губи. Во Скопје се губи вода околу државниот просек.

„Неприходуваната вода станува сè поважна во аспект на заштита на природните ресурси, а претпријатијата се соочуваат со големи загуби на водата. Овој проблем директно влијае врз капацитетот на давателите на водните услуги за финансирање на нови услуги, спроведување на соодветно одржување, како и инвестирање во нови технологии“, се наведува во извештајот на Регулаторната комисија.

Најмали загуби на вода има во Желино, од само 6 проценти, а добро стојат и водоводните претпријатија во Василево со 7 проценти, Брвеница со 8 проценти и Чашка со 9 проценти.

„Ние контрола правиме секоја недела и постојано апелираме до граѓаните да ја трошат водата паметно зашто водоводниот систем кај нас е поврзан со струја, до резервоарот се носи со струја, па кога има загуби ние интервенираме што побрзо за да го отстраниме дефектот за да не се доведеме во ситуација да немаме вода“, вели градоначалникот на Желино Блерим Сејдиу.

Извештајот на Регулаторната комисија за енергетика покажува дека македонските домаќинства во просек трошат по над 12 кубни метри вода месечно. Најмногу вода се троши во Маврови Анови и во Желино – по над 23 кубни метри месечно, а најмалку во Теарце, нешто над 3 кубика месечно.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ликвидацијата на Хаменеи нема да го ескалира конфликтот, туку ќе го заврши, порачува Нетанјаху

Дејан Дејан

Иран сака прекин на огнот со Израел и продолжување на преговорите со САД, тврди „Волстрит Џурнал“

Дејан Дејан

МПЦ-ОА доби нов митрополит, но дали тоа ќе ги смири или уште повеќе ќе ги засили поделбите внатре во Црквата?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе