Напната смиреност се насели над крајбрежниот град Нахарија на само девет километри од границата на Израел со Либан, додека регионалните тензии вријат по двојните атентати во Бејрут и Техеран минатата недела.
Додека Израел се подготвува за одговор од Иран и неговиот сојузник Хезболах, жителите во Нахарија навидум се занимаваат со тековните обврски, пазаруваат, јадат надвор и уживаат на плажа.
Велат ситуацијата во регионот е напната но луѓето се уште излегуваат надвор.
Ние само сакаме да биде мирно и би сакале да има политичко решение, а не војна, бидејќи веќе знаеме и човештвото знае дека во војните не помагаат, Првата и Втората светска војна однесоа милиони жртви, нас не не интересираат војни, нас нè интересира политичко решение, сакаме да живееме, вели Шаули Јан, жител на Нахарија.
Израел и Хезболах разменуваа речиси секојдневни напади во последните 10 месеци во позадина на војната во Газа, но тие претходно го одржуваа конфликтот на ниско ниво што не ескалира во целосна војна.
Во следниве денови очекуваме дека ќе има нешто од север од Хезболах и од Иран, но не се плашиме. Обезбедувањето ни се врати и тие се плашат сега повеќе, го чувствуваме ова, вели Ницан Јехуда, жител на Нахарија.
Минатонеделните атентати на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије во главниот град на Иран, Техеран, и на командантот на Хезболах, Шукур во Бејрут, ги зголемија тензиите во регионот, а Иран вети дека ќе одговори со „моќ и одлучност“.
„Исламската Република Иран, при користењето на своето суштинско право, засновано на меѓународните правила и прописи, дефинитивно ќе преземе сериозни, застрашувачки дејствија за да ја гарантира својата безбедност и да го казни агресорот, со моќ, одлучност и цврстина, порача Насер Канани, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи.
Израел веќе е во „војна на повеќе фронтови“ со Иран и неговите полномошници, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на состанок на владата, додека Соединетите Држави и сојузниците се подготвуваа да го одбранат Израел од очекуваниот контра напад и да спречат уште поуништувачки регионален конфликт.
Дипломати се трудат да ја деескалираат ситуацијата која би имала страшни последици но се поставува прашањето дали се уште има простор да се спречи тоа?
Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари рече дека цивилното население треба да биде внимателно и додаде дека „одбраната не е херметичка“.
Ситуацијата е непроменета, но во случај на потреба сите треба итно да се упатат во бункери и да ги следат натамошните упатства.
Александар Петрески