Властите во Бангладеш го ограничија пристапот до интернет во делови од земјата, откако студентските демонстранти кои бараат укинување на владините квоти за работни места повикаа на сенароден штрајк денеска.
Полицијата денеска употреби солзавец за да ги растера студентите кои ги нападнаа органите на редот со камења и го блокираа главниот автопат во јужниот пристанишен град Читагонг, додека пристапот до интернет беше ограничен низ поголемиот дел од земјата.
Незадоволните студенти бараат укинување на квотите за државните служби, со кои се предвидува 30 проценти од местата во секторот да им бидат доделени на роднините на борците за слобода во Војната за независност во 1971 година од Пакистан. Во Бангладеш, чие население е околу 170 милиони, има 32 милиони млади кои ниту работат ниту студираат.
Премиерот Шеик Хасина Вазед вчера изјави дека на 7 август во Врховниот суд ќе се одржи расправа по владината жалба на судската наредба на највисокиот судски орган за враќање на квотата од 30 проценти за работа во јавниот сектор. Хасина ги повика студентите да бидат трпеливи и да ја чекаат одлуката на судот.
Шест лица загинаа, а стотици беа повредени во судирите меѓу демонстрантите и органите на редот оваа недела.