ЈСП Скопје нема доволно автобуси за да го пополни летниот ред за возење, во моментот има околу 200 автобуси кои се активни, а од нив 27 немаат климатизација, призна на денешната седница на Советот на град Скопје, новиот директор на ЈСП Драги Кушовски. Тој од советниците побара помош и интервенција за вработените во ЈСП бидејќи на есен состојбата само може да се влоши.
-Реалната состојба е таква каква што е, нема што да криеме. Возниот парк, по набавката на кинеските автобуси „јутонг“ броел околу 350 автобуси и возните редови, и летен и зимски, биле прилагодени на таа бројка автобуси. Во моментов во сообраќај се од 190 до 200 возила и со нив не можеме да го опслужиме ни летниот возен ред којшто знаеме дека е скратен возен ред. Од септември кога треба да стартува зимскиот возен ред ситуацијата ќе биде уште потешка. Од денешен аспект и ниеден автобус да не ни се расипе ќе имаме недостаток од 100 автобуси. Во моментов имаме недостиг од 40-50 автобуси – рече Кушовски.
Во однос на реакцијата на граѓаните дека автобусите се неклиматизирани, Кушовски објасни дека денеска не работеле климите во 27 автобуси, но дека бил информиран дека до утре уште во пет автобуси ќе биде сервисирана климата, додека во дел од нив проблемот не може да биде надминат затоа што недостигаат делови.
На прашањето зошто претпријатието е во ваква состојба кога добива големи субвенции, Кушовски одговори дека се зголемени трошоците за превоз, а цената и натаму е иста.
-Знаеме кога е утврдена цената за превоз и колкави биле тогаш трошоците, а колкави се сега. Имаме бесплатен превоз на студенти, а последниве три години нема денар добиено пари од Министерството за образование и наука. Притоа, претпријатието само не успеало да ја зголеми наплатата кај билетите – нагласи директорот на ЈСП.
Тој објасни дека и сервисите на автобусите се одвиваат во отежнати услови поради недостиг на делови. За едниот тип автобуси деловите доаѓаат од Кина, но претпријатието има долгови спрема добавувачите кои носеле делови за сервисирање во изминатиот период, кои сега ја откажуваат соработката, затоа што ЈСП не е во можност да ги сервисира тие долгови. Притоа, според Кушовски, зголемени се и расходите на претпријатието затоа што поскапуваат деловите.