Американскиот претседател Џо Бајден го осуди обидот за атентат врз неговиот изборен ривал, поранешниот американски претседател Доналд Трамп, и нареди независна истрага за пукањето што се случи на митинг врз него во Пенсилванија, додека американските власти трагаат по мотивот зад нападот.
Бајден рече дека наредил да се преиспитаат безбедносните мерки околу нападот, бидејќи се појавија прашања за тоа како некој со полуавтоматска пушка може толку да се доближи до поранешниот претседател. Тајната служба е одговорна за безбедноста на американските претседатели, поранешни претседатели и други високи функционери.
Претседателот рече дека наредил „независна проверка на националната безбедност за да се процени што точно се случило“ и дека деталите ќе бидат објавени во јавност. Тој синоќа, обраќајки се пред нацијата од Овалната соба, упати повик до Американците да избегнуваат политичко насилство и да се здружат за да ја заштитат демократијата на нацијата.
Тој ја повика земјата да се „обедини како една нација“ и ја замоли јавноста да не „прави претпоставки“ за мотивите или припадноста на напаѓачот.