Го преживеа обидот за атентат и најави дека продолжи со кампањата. Претседателскиот кандидат Доналд Трамп, десетина часа откако во него беше пукано на бината во гратчето Батлер во Пенсилванија, пристигна во Њу Џерси. Симнувајќи се по скалите од авионот не можеше да се види повредата од преживеаниот атентат.
Преку социјалните мрежи соопшти дека бил погоден во горниот дел на десното уво и имал обилно крвавење. Се заблагодари на Тајната служба и полицијата за нивната брза реакција и изрази сочувство на семејствата на загинатиот и повредените.
ФБИ и официјално го потврди идентитетот на атентаторот. Станува збор за дваесетгодишниот Томас Метју Крукс од Бетел Парк кое се наоѓа на седумдесет километри од бината каде што тој се обиде да го ликвидира претседателскиот кандидат Трамп. Зачудува податокот дека тој бил регистриран гласач на Републиканците, партијата на Трамп.
Специјалните тимови на ФБИ го запечатија местото каде што се одржуваше митингот за да ги соберат доказите но и да утврдат дали атентаторот бил сам или пак имал помош. Голем број на форензичари и специјални агенти се на терен а отворена е и линија за граѓаните доколку имаат корисни информации.
„ Сакам да ја известам јавноста дека ФБИ распореди голем број наши ресурси, вклучувајќи истражни агенти, нашиот тим за собирање на докази, техничари за бомби и имаме дополнителни ресурси кои доаѓаат од други теренски канцеларии, како и од седиштето на ФБИ, вклучувајќи ги и нашите тимови за одговор од Квантико, Вирџинија“, изјави Кевин Роџек, специјален ангент на ФБИ.
Атентаторот бил забележан од дел од луѓето кои присуствувале на настанот и веднаш им ја посочиле локацијата на агентите и снајперистите од Тајната служба. Сметаат дека е пропуст на службите што не ги обезбедиле покривите на сите објекти во околината.
„Стојам и покажувам кон него, знаеш, 2 или 3 минути. Тајната служба не гледа од врвот на шталата. Покажувам на тој покрив што само стои вака. И следното нешто што знаете, одекнаа пет истрели. Значи си сигурен дека истрелите дошле од тој човек на покривот? Апсолутно, 100 отсто. И тој беше таму горе неколку минути? Апсолутно. Најмалку 3 или 4 минути. А вие им кажувавте на полицијата и на Тајната служба? Им кажувавме на полицијата. Го посочувавме за Тајната служба, која не гледаше од врвот на шталата. Цело време не гледаа каде стоевме покрај тоа дрво. Со двоглед. Дали можеа да го видат? Веројатно не, поради закосеноста на покривот. Тој беше каде што не можеа да видат. Но, зошто нема агенти на Тајна служба на сите овие покриви овде? Мислам, ова не е големо место“, вели очевидцот Грег Смит.
Атентаторот бил ликвидиран со истрел во главата, децидни се сведоците.
„О, да. Му ја разнесоа главата. Тајната служба му ја разнесе главата. Во ред, само бидете внимателни, бидејќи не знаеме кој гледа. Но, вие сте прилично сигурни дека го застрелале момчето. Апсолутно. 100 отсто. Да. Видовте ли дека тоа се случи? Да, да. Да. И дали ги виде како потоа се качија кај него? Да, тие ползеа на покривот. Тие ги вперија пиштолите во него за да се уверат дека е мртов. Тој беше мртов. И тоа беше сè“, објаснува Смит.
Истрелите ги збуниле посетителите. Дел од нив мислеле дека станува збор за огномети или пиротехника.
„На почеток помисливме дека е огномет, звучеше како гласни звуци од огномет. А потоа одеднаш може да се слушне рикошетирање, речиси како да се одбиваат од бината и трибините како куршуми или што и да е тоа што ја погодува бината. И потоа сите легнаа на земја и ние го направивме, Трамп исто така го соборија“, раскажува сведокот Дана Вајс.
Паниката настанала кога агентите на тајната служба го собориле Трамп на земја. Посетителите лежеле еден врз друг во паника обидувајќи се да се заштитат.
„Тоа беше повеќе како да има, звучеше како да има огномет. И сите некако се двоумеа, како што се случува? Пред Трамп, на пример, да биде погоден во увото. Можеше да се види дека тој всушност беше повреден и тој легна на земја. И тогаш сите ја имаа првичната реакција да легнат на земја”, вели Линда Ханц.
Јавноста во САД е шокирана од настанот. Надлежните бараат одговори од Тајната служба како дозволила вооружен напаѓач да се доближи на помалку од двесте метри од Трамп и да пука. Се анализира кој и колку потфрлил а на 22 овој месец директорката на Тајната Служба, Кибмерли Четл ќе се појави на сослушување во Сенатот.
Ова е трет обид за атентат врз претседател или претседателски кандидат во поновата историја на САД. Претседателот Џон Фитцџералд Кенеди во ноември 1963 година беше убиен во Далас а набрзо беше ликвидиран и атентаторот Ли Харви Освалд додека во март 1981 во Вашингтон тогашниот претседател Роналд Реган преживеа атентат откако во него од непосредна близина пукаше Џон Хинкли.
Огнен Чанчаревиќ