Вести Свет

Србија и Египет потпишаа Договор за слободна трговија

Во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ и египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси, денесka во Каиро беше потпишан Договор за слободна трговија меѓу Србија и Египет и 10 други билатерални документи за соработка меѓу двете земји во различни области, јави дописникот на МИА од Белград.

На заедничката прес-конференција со неговиот египетски колега, по пленарната средба на двете делегации, претседателот Вучиќ изјави дека Договорот за слободна трговија е исклучително важен. Тој наведе дека се потпишани вкупно 10.412 тарифни линии за Србија и 6.075 тарифни линии за Египет.

-Побрзо ќе ги развиваме нашите трговски односи и односите меѓу нашите индустрии, истакна Вучиќ.

Претседателот на Египет Абдел Фатах ел Сиси изјави дека потпишаните договори дополнително ќе ги зајакнат и онака добрите односи меѓу Србија и Египет.

– На денешните средби се согласивме за важноста од зајакнување на соработката во науката, преку договорот за слободна трговија што беше потпишан денеска и многу други документи. Тоа ќе ја зајакне економската и трговската соработка меѓу Србија и Египет, рече Сиси.

Тој ја нагласи значајната улога на Србија во зајакнувањето на соработката и стабилноста во регионот во кој се наоѓа.

-Ние навистина го поддржуваме спроведувањето на иницијативата Отворен Балкан. И сакаме земјите од Западен Балкан да се зближат и да ја зајакнат регионалната стабилност, рече Ел Сиси.

Тој изјави дека со претседателот Вучиќ разговарал за случувањата на меѓународната сцена, со посебен осврт на Појасот Газа и Украина.

Договорот за слободна трговија го потпишаа министерот за внатрешна и надворешна трговија на Србија, Томислав Момировиќ и министерот за инвестиции и надворешна трговија на Египет, Хасан ел Хатиб.

Министерот Момировиќ изјави дека по ратификацијата на Договорот за слободна трговија со Египет, царините ќе бидат укинати за речиси целото српско земјоделство.

-Штом ќе биде ратификуван Договорот за слободна трговија, ќе се укинат царините од 40 отсто за свежите јаболка, како и царините од 30 отсто за сувите сливи и 20 отсто за замрзнатите бобинки. Царините за производите од нашата прехранбена индустрија, кои сега се движат од 20 на 60 отсто полека ќе почнат да се намалуваат, а ќе се укинат и царините за минералната вода и безалкохолното пиво, кои сега се движат меѓу 20 и 30 отсто, рече Момировиќ.

Тој посочи дека тоа е голема шанса за земјоделците и домаќините од Србија, но и огромна шанса за српската керамичка индустрија, фармацевтската индустрија и многу други индустрии.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рашче под притисок, дивите приклучоци го уништуваат капацитетот

Дејан Дејан

Разговори за можно примирје во Појасот Газа во Белата куќа- Нетанјаху на вечера кај Трамп

Дејан Дејан

Продолжуваат спасувачките напори во Тексас – над 100 загинати

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе