Пренатрупаноста на затворите која е проблем со години може да се реши со пробација, согласни се невладините кои се дел од проектот за мониторинг на спроведување на стратегијата за развој на пробациската служба.
Во Македонија во просек се изрекуваат по околу 1200 затворски казни годишно.
Повеќе од половина од нив се пониски од една година. Скоро 360 луѓе годишно добиваат затвор пократок од шест месеци. На добар дел од овие осуденици би можеле да им се изречат алтернативни казни.
Пробацијата е нешто со што ќе се намали пренатрупаноста, да се изрекуваат повеќе алтернативни мерки со заштитен надзор и со тоа да може повеќе да се работи на ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, бидејќи според некои анализи кои и ние ги правевме скоро поголем број на лица има повратници кои што се во затворите и тоа е некој вид на аларм кој треба да го имаме в предвид, изјави Ирена Здравкова од Македонското здружение на млади правници.
Директорката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска вели дека рак рана е немањето програми за ресоцијализација и реинтеграција на осудениците, а судиите многу ретко изрекуваат алтернативни мерки.
Пренатрупаноста е проблем во Македонија со години наназад. Не може да се најде решение за тој проблем од проста причина што државата првенствено не вложува доволно пари за сместувачките услови. Значи во такви услови мора да се размислува за други начини како да се справиме со рецивидизмот и како тие луѓе понатаму да ги насочиме да можат да бидат активни и корисни членови на заедницата, смета Петровска.
Законот за пробација која почна да се применува во 2018 година, судијката Билјана Коцевска смета дека е голема придобивка која што не е доволно искористена за изрекување на условни осуди со заштитен надзор.
Но, само Кривичниот суд во Скопје изрекуваат условни осуди со заштитен надзор, а тоа не го прават останатите судови. Тоа се должи пред се на впечатокот дека со оваа мерка условно осудените, останале неказнети.
Имено, основната причина зошто се дава таков впечаток што во некоја смисла може и да е оправдан е тоа што немаме одредба за отповикување на условната осуда како таква доколку лицето во рокот на проверка стори некое друго кривично дело, посочи судијката Коцевска.
Во моментов има 604 активни предмети на пробација.
Марија Митевска