Вести Македонија Најважни

Го пречекаа со зурли и тапани ама тој порача дека сега не е време за славење – Венко Филипче избран за нов претседател на СДСМ

Тапаните удрија и зурлите засвиреа – новиот претседател на СДСМ вака зачекори во партијата, по изборната победа.

Убедливо е водството на Венко Филипче пред своите противкандидати.

За него гласале над девет илјади членови на Социјалдемократскиот сојуз, втор е Јован Деспотовски со 2700 гласови, Александар Бајдевски има деветстотини, а за Славјанка Петровска која во последен момент се откажа од трката, но сепак се најде на избирачкото ливче, својот глас го дале 190 членови.

Но, и покрај зурлите и тапаните, новоизбраниот претседател на партијата, порача дека сега не е време за славање и дека претстои многу работа.

„Сега е време за обнова на СДСМ и многу работа. Нема време за славење. Следи период на реорганизација и реформа, согласно моите програмски ветувања со кои сум сигурен дека СДСМ повторно ќе победува. Ова нема да биде ниту брзо ниту лесно. Но, јас знам дека нема друг начин да ја вратиме довербата кај членовите, освен да направиме вистински темелни промени. Промените не можеме ниту да ги лажираме, ниту да бидат половични“, кажа новоизбраниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, по изборната победа на внатрепартиските избори.

По Филипче, се обратија и поразените кандидати за претседател на СДСМ.

За Јован Деспотовски, спорен е легитимитетот на новоизбраниот претседател со оглед на тоа што половина од регистрираните гласачи не гласале на внатрепартиските избори.

Александар Бајдевски, пак, се осврна на неодржаниот отчетен Конгрес на партијата, на кој требаше да се побараат одговорите за тоа како се случи тешкиот изборен пораз.

И двајцата му честитаа на новоизбраниот претседател, Венко Филипче.

„Значи не можеме да зборуваме за избран претседател со девет илјади гласови, а десет илјади луѓе не се појавиле на гласање. Односно, не сме им дале да гласаат. Како другар се радувам за Венко, бидејќи тој ми е другар ама не се радувам за СДСМ. И зградава е празна денеска и тоа не е океј, тоа треба многу да каже за сите нас овде“, кажа Јован Деспотовски, кандидат за претседател на СДСМ.

 

„Тоа што сметам дека можеби требаше да биде е да се одржи Конгресот којшто не се одржа на Социјалдемократскиот сојуз, а на којшто ќе се утврдеа причините за поразот на осми мај“, вели Александар Бајдевски, кандидат за претседател на СДСМ.

По завршувањето на изборниот процес и гласањето за избор на претседател пристигнат е само еден приговор, информираат од Централната изборна комисија.

Членови побарале да им биде овозможено гласање, иако не биле на избирачкиот список. Станувало збор за мал број на членови, вкупно 51. Само на седум им е прифатено барањето, по проверката во системот дека тие активно се регистрирале за гласање.

Неосновано е тврдењето дека станува збор за голем број на членови и дека се доведува во прашање влијанието на изборниот резултат, вели претседателката на Комисијата, Аврамовска – Мадиќ.

„Целосно е неосновано да се тврди дека станува збор за голем број на членови, ниту пак да се тврди дека ова има влијание на процесот. Секој кандидат имаше свои контролори на сите 77 избирачки места и во Централната изборна комисија на самиот ден на гласање. Го соопштивме веќе првичниот резултат од преброените 95% од гласовите. По пристигнување на сите записници и увидот во избирачкиот материјал, ќе ги соопштиме и конечните резултати“, вели Викторија Аврамовска – Мадиќ, претседателка на Централната изборна комисија на СДСМ.

Новиот претседател на СДСМ, Венко Филипче, во политичките води „заплови“ паралелно со докторската кариера.

Изгради кариера како неврохирург, а беше и советник за здравство на поранешниот премиер Зоран Заев, пред да стапи на министерската функција.

Беше предводник на здравствениот сектор во најголемата криза, среде пандемијата од Ковид-19.

Поднесе оставка од позицијата два дена по катастрофалната несреќа во тетовската модуларна болница во септември 2021 година, каде во пожар животот го загубија 14 лица. Оставката не му беше прифатена.

Наследник на Филипче на министерската позиција беше Беким Сали, неколку месеци подоцна, по влезот на Алтернатива како владин коалициски партнер.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

За еден час – 200 повици, за цело деноноќие – 2.381 – невремето го „прегоре“ бројот 112 во ЦУК

Дејан Дејан

Почина по операција на камен во бубрег – стручен надзор во сите здравствени установи во кои се лекувала 32-годишна пациентка од тетовско

Дејан Дејан

Ако „злоупотреба за службената положба“ застари, да се одговори со продолжување на судската постапка – предлог на правниците

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе