Вести Македонија Најважни

Амбасадорката Агелер со нови американски пораки за европската иднина на Македонија

Нема повторно да се преговара ниту со Грција, ниту со Бугарија, вели американската амбасадорка Анџела Агелер. Таа во интервју за Радио Слободна Европа вели разбира дека промената на името беше тешка одлука, но токму Договорот од Преспа обезбеди членство на државата во НАТО и напредок на патот кон ЕУ. Агелер изрази задоволство што премиерот Мицкоски и неговите министри при заклетвата го употребија уставното име Северна Македонија и додава дека САД внимателно ќе следи дали ќе се почитуваат меѓународните договори.

„Тие договори се направени. Нема одново преговарање на Преспа, нема одново преговарање за напредок кон ЕУ. Тоа е многу јасно. Има разлика, како што знаеме во мојата земја, меѓутоа што се кажало во кампањите, што се кажало низ години, а што сега за да се оди напред. И силно се надеваме дека е направен прогрес, дека тие стари употреби или терминологии може да се остават на страна и дека соседите, сеедно кои, почнувајќи од Северна Македонија ќе може да имаат важни разговори од кои сите инволвирани ќе имаат корист. Се надеваме дека тоа ќе го видиме“, изјави Анџела Агелер, амбасадорка на САД во Македонија.

Овие пораки на Агелер доаѓаат само неколку дена откако официјална Софија категорично кажа „не“ за повторно преговарање, по изјавата на премиерот Мицкоски дека преговарачката рамка во делот на обврските кон Бугарија може да се предоговара и да се промени. Но, од Бугарија нема ниту збор за обвинувањата на македонската заедница за груба асимилација на Македонците во Албанија што резултираше со преполовување на нивниот број на последниот попис.

Инаку, Агелер во интервјуто за РСЕ рече дека САД очекуваат новата македонска Влада да ги исполни ветувањата дадени во предизборието за борба со корупцијата која има епидемиски размери во Македонија и ќе ја поддржат секоја програма во таа насока. Разочарана е што нема истраги за македонските граѓани кои се на црната листа на Соединетите Американски Држави.

„Ние, според законот како американски амбасади во светот, кога имаме докази за корупција тоа оди во Вашингтон, внимателно се разгледува и кога сме сигурни дека доказите се апсолутно сигурни тогаш се објавуваат овие санкции. Ова се случува и во други земји и да, разочарувачки е.  Има многу докази во оваа земја, зашто секој пат кога САД назначува некого, со секого што сум зборувала и сигурно тоа важи и за вас, велите не е изненадување, секако го знаеме тоа. Не е изненадување дека овие личности се корумпирани. Прашање е што ќе направат институциите за тоа и чекаме да видиме“, вели амбасадорката Агелер.

За кредитот од милијарда евра со ниска камата што го најавува Мицкоски, САД очекуваат да дознае од каде доаѓа ова финансирање, а Агелер вели дека транспарентност и отчетност секако треба да бараат и граѓаните и новинарите. За реформите во судството рече дека има препораки и јасен патоказа од ЕУ, но од судскиот систем неминовно е да се отстрани политиката, порача американската амбасадорка Анџела Агелер.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Не наседнувајте и не отварајте сомнителна електронска пошта: Нова интернет измама овојпат во име на МВР за наводно учество во истрага

Дејан Дејан

Лажна дојава за бомба на аеродромот во Приштина, сите летови се реализираат по распоред

Дејан Дејан

(ВИДЕО) Македонски планинари го вратија државното знаме на Кораб кое беше симнато од „дебарскиот Тарзан“ Шулку

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе