Долгиот сушен период ќе се одрази на земјоделските култури, но и на џебот на земјоделците. Површините засадени со зеленчук во пластеници, но и тие на отворено бараат дополнително наводнување поради недостаток на врнежи. Сепак, според експертите и тоа ќе биде предизвик во некои места, каде се намалуваат количините подземни води за наводнување.
„Градинарското производство, да речеме, не е директно зависно од врнежите, но е зависно од подземните води. Со малку врнежи ќе почнат да секнуваат подземните води и ќе се намалат количините за наводнување. А, друго се и културите кои се засадени на отворено. Тоа што нема врнежи ќе се одрази и во овоштарството и во лозарството“, вели Д-р Душан Спасов, универзитетски професор.
Вториот проблем се високите температури кои почнаа уште на почетокот на пролетта. Од март речиси и да нема пад на температурите, а веќе кон крајот на мај и почетокот на јуни тие надминуваа 35 степени целзиусови. Професорот Спасов смета дека тоа е поголем проблем и од сушата.
„Сето тоа прави да имаме брзо испарување, односно сушење на почвените слоеви и на тој начин да се создаде недостаток на влага кај растенијата“, додава Спасов.
Меѓу најпогодените од сушата се и житните култури. Поради долгите периоди без врнежи се десеткуваат количините кои се очекуваат од единица хектар, па во некои европски земји се забележува нивно наводнување, иако житото не се наводнува.
Сузана Мицева