Вести Најважни Свет

Макрон, Ле Пен или некој трет – Франција е на 24 часа до најзначајните избори во последните децении

Вонредните парламентарни избори во Франција се едни од најважните во последните децении и за земјата и за остатокот од Европа. За две недели, Франција би можела да има радикално левичарска или радикално десничарска влада – или да западне во политички ќорсокак ако ниеден блок не освои мнозинство, што би го оставило Париз парализиран додека проблемите се трупаат и дома и во странство.

Изборите ќе се одржат во два круга на 30 јуни и 7 јули. Како ќе функционираат, кои се клучните играчи и што е на коцка?

Како дојдовме до тука?

Неколку минути откако беше објавено дека неговата партија „Препород“ доживеа пораз на изборите за Европскиот парламент, претседателот Емануел Макрон распиша вонредни национални избори – станувајќи првиот претседател кој го направил тоа од 1997 година. „Препород“ заврши на второто место, со помалку од половина од гласовите што ги освои екстремно десничарската партија Национален собир (НС), партијата на Марин Ле Пен и само малку пред левичарската коалиција која заврши на третото место.

„Ако неговиот облог успее, ќе биде запаметен како брилијантен стратег. Ако не, мислам дека ќе биде запаметен како некој кој суштински го разнел традиционалниот партиски систем во Франција и… фрлил граната врз институциите на Петтата Република“, изјави за Кевин Арсенокс, политиколог на универзитетот Сианс По во Париз, за „Си-Ен-Ен“.

Зошто Макрон распиша избори?

Одлуката на Макрон ги изненади дури и неговите најблиски сојузници. Следните избори во Франција не беа предвидени до 2027 година.

Аналитичарите ги анализираа неговите можни мотиви. Иако Макрон беше реизбран за втор претседателски мандат во 2022 година, неговата партија не успеа да освои апсолутно парламентарно мнозинство. За да донесе контроверзни закони како реформата на пензиите, Макрон сè повеќе мораше да го заобиколува парламентот и да прибегнува кон претседателски декрет, на огорчување на опозициските партии и голем дел од јавноста.

Една теорија за тоа зошто Макрон сега распиша избори е дека Франција можеби и така наскоро ќе беше принудена на избори. Секој пат кога Макрон донесува закон со претседателски декрет, според членот 49.3 од францускиот устав, парламентот може да одржи гласање за доверба на неговата влада. Со оглед на тоа што подоцна оваа година се планирани уште буџетски закони, владата на Макрон можеби нема да преживее уште едно такво гласање.

Друга теорија е дека Макрон се коцка дека може да ги победи екстремистичките партии изложувајќи ги на власта. Со Ле Пен која се чини сè поизвесно ќе го наследи како претседател во 2027 година – кога Макрон нема да може да се кандидира за трет мандат – овие избори можеби ќе ја принудат нејзината партија порано да ја преземе одговорноста. Откако ќе бидат на власт, ќе се соочат со ограничувања и можеби нема да можат да ги исполнат своите ветувања – или едноставно ќе ризикуваат да бидат докажани како неспособни. Откажувањето од малку власт сега, можеби ќе донесе подобра шанса на платформата на Макрон во 2027 година.

Како функционираат изборите?

Француското Национално собрание има 577 места, едно за секоја од нејзините изборни единици. За апсолутно мнозинство, партијата треба да освои 289 места. Во досегашниот состав, алијансата на Макрон имаше само 250 места, па затоа им беше потребна поддршка од други партии за да донесат закони.

Ако кандидат освои мнозинство гласови во првото гласање со 25 отсто излезност, тој го освојува местото. Но, повеќето избори одат во втор круг следната недела. Само оние кои освоиле повеќе од 12,5 отсто од гласовите на регистрираните гласачи имаат право да се кандидираат во вториот круг, што значи дека битката често се води меѓу двајца кандидати, но понекогаш и тројца или четворица.

Кои се улогите на парламентот и претседателот?

Националното собрание е одговорно за донесување на домашни закони – од пензии и даноци до имиграција и образование – додека претседателот ја одредува надворешната, европската и одбранбената политика на земјата.

Кога претседателот и мнозинството во парламентот припаѓаат на иста партија, работите одат добро. Кога не припаѓаат, работата на владата може да се закочи.

Други владини министри се именуваат од страна на претседателот по препорака на премиерот. Додека Макрон теоретски би бил слободен да номинира кого сака, во пракса тој би бил принуден да номинира министри кои ја одразуваат волјата на мнозинството во Националното собрание.

Кои се клучните играчи?

Во јануари, Габриел Атал, заштитникот на Макро, стана најмладиот премиер во француската историја, на возраст од 34 години. Само седум месеци подоцна, неговиот рекорд може да биде соборен од Џордан Бардела, 28-годишниот лидер на НС.

Бардела беше избран од Ле Пен да ја води партијата во 2022 година, ставајќи крај на 50-годишното владеење на семејството Ле Пен и продолжувајќи да ја детоксифицира партијата од нејзиното антисемитско и нацистичко минато. Бардела израснал како единствено дете во социјален стан во Сена-Сен-Дени, работничко предградие во Париз. Тој се приклучил на НС кога имал 16 години и накратко студирал на престижниот универзитет Сорбона, пред да се откаже за да се искачи во партиските редови. Ако биде именуван, ќе стане најмладиот премиер во Европа во повеќе од два века.

Од страната на левицата, четири дена откако Макрон ги распиша изборите, група партии се здружија за да го формираат Новиот Народен Фронт, коалиција која има за цел да го оживее оригиналниот Народен Фронт кој ги блокираше фашистите од доаѓање на власт во 1936 година. Широката, и потенцијално раздорна, алијанса ги вклучува трикратниот претседателски кандидат Жан-Лук Меланшон, лидер на партијата Нескротлива Франција; Социјалистите; Комунистите; Екологистите; и Плас Публике, предводена од популарниот член на Европскиот парламент (МЕП) Рафаел Глуксман.

Со какви проблеми може да се соочи новата влада?

Франција има еден од највисоките дефицити во еврозоната и сега ризикува да ги прекрши новите фискални правила на Европската комисија, кои беа суспендирани за да им помогнат на земјите да се опорават од пандемијата на ковид-19 и енергетската криза. Владините трошења на Франција наскоро би можеле да бидат брутално ограничени од Брисел, и покрај раскошните ветувања на НС и Новиот Народен Фронт.

Иако Бардела неодамна ги ублажи некои од плановите за трошење на НС, Рахман предупреди дека може да дојде до „голем судир“ меѓу Брисел и идната француска влада.

Додека овие ограничувања за трошење може да ја спречат идната радикално десничарска влада да ги исполни своите изборни ветувања, истото може да му наштети наместо да му помогне на Макрон.

Каков би можел да биде исходот?

Системот на гласање во два круга ги отежнува предвидувањата. Најверојатното сценарио е да има парламент без јасно мнозинство, со релативно мнозинство за НС. Но, Бардела изјави дека неговата партија ќе формира влада само ако освои апсолутно мнозинство. Макрон тогаш можеби ќе треба да бара премиер од радикалната левица или од сосема друго место. Франција можеби ќе треба да се определи за „технократска“ влада, но тие обично ги поттикнуваат популистичките тенденции наместо да ги гасат.

Без разлика на составот на следното Собрание, следните три години во Франција најверојатно ќе бидат обележани со нестабилност, додека партиите се обидуваат да останат чисти пред клучните претседателски – и потенцијално парламентарни – избори во 2027 година.

Ова веројатно ќе покрене уставни прашања, бидејќи домашните и надворешнополитичките прашања ќе се судрат. Бардела го отфрли испраќањето војници во Украина – идеја предложена од Макрон – и рече дека нема да дозволи Киев да користи француска воена опрема за напад на цели во Русија. Во таа ситуација, чие ќе биде последното – Барделиното или Макроновото?

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пукање во скопско Батинци

Дејан Дејан

Почина Исмаил Кадаре, борецот со перо против тоталитарните системи

Дејан Дејан

Премиерот Мицковски не гледа ништо спорно кај министерката Божиновска која не го наведе бугарското државјанство во биографијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе