Вести Македонија Најважни

Балaнсерот од денеска ја мери правичната застапеност според етничката припадност на резидентното население

Балансерот засега останува во функција, но правичната застапеност во институциите од денеска ќе се води според процентите на етничка припадност на резидентното население во државата, а не според процентите на вкупно попишаното население, односно со вклучената дијаспора. Ова денеска го соопшти министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој сепак најави дека, до крајот на мандатот на владата, балансерот ќе биде укинат.

„Ова е првата фаза да се вратиме на законските основи на пописот од 2021 година, а потоа со закон и промена на методологијата ќе одиме кон целосно укинување на алaтката – балансер, при што целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот, соодветна и правична застапеност на етничките заедници“, изјави Андоновски.

На прашањето кога може да се очекува целосно укинување на балансерот, Андоновски одговори:

„Мислам дека за ова е потребна сеопфатна дискусија во рамки на владата, да видиме кои се начините да, ниту се повреди темелниот принцип на Уставот за соодвтетна и правичност застапеност на заедниците, но во исто време прво да гарантираме мериторноста, ефикасноста, квалитетот, образованието и искуството на вработените, а не да го гледаме нивниот етнички предзнак“.

Андоновски информираше дека Управата за водење матични книги од Mинистерството за правда се сели во надлежност на неговото министерство. Управата ќе биде целосно дигитализирана, со цел да се постигне целосна дигитализација и достапност на услугите преку порталот „Е-услуги“.

„Сметаме дека онаа институција којашто во своја надлежност го има регистерот на населението, а по новиот Закон за организација и работа на органите на државната управа ја имаме надлежноста за раководење и дигитализација на матичните книги, треба Управата да биде под надлежност на Министерството за дигитална трансформација“, објасни Андоновски.

Министерството за дигитална трансформација ќе биде надлежно и за медиумите и како што најави Андоновски, ќе се обидат на една маса да ги седнат сите засегнати за да се донесе легислатива која ќе одговара на сите, како и минимум стандарди.

Андоновски најави дека ќе биде ревидиран и патоказот за дигитална трансформација, испратен до Европската комисија, за да се излезе со една национална ИКТ стратегија и национална стратегија за сајбер безбедност, која што ќе го интегрира и патоказот, за да нема повеќе документи кои би ја покривале таа област, а за кои се покажало и дека во одреден момент биле и спротивставени еден на друг.

За сајбер безбедноста на државните институции Андоновски најави дека ќе постават минумим стандарди кои ќе мора да ги исполнат институциите за да се заштитат информатичките системи со кои тие располагаат.

Министерството за дигитална трансформација според законот има 30 дена да се формира, односно да се подели досегашното Министерство за информатичко општество и администрација на две министерства, од кои во Дигитална трансформација би преминале околу 150 од вработените, а 70 би останале во јавна администрација.

Во меѓувреме Министерството веќе доби нов дизајн, боја и лого „Смарт/МК“, но без името на државата.

„Како што знаете го почитуваме уставното име на државата, но најверојатно го пропуштиле да го стават името на државата. Се надвам дека во наредниот период на сите логоа и знаци ќе си стои уставното име на државата“, вели Андоновски.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Како се случи 10.000 регистрирани членови да не го остварат правото на глас? – Деспотовски бара одговори од ЦИК за изборите во СДСМ

Дејан Дејан

Филипче: Нема да делам, туку ќе обединувам, сигурен сум дека СДСМ повторно ќе победува

Дејан Дејан

Венко Филипче, нов лидер на СДСМ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе