Утре започнува европското првенство во фудбал .
Трофејот за шампионот е веќе во Германија, а беше презентиран и на олимпискиот стадион во Берлин каде што ќе се одигра финале на европското првенство.
За него ќе се борат 24 репрезентации.
Германската полиција е подготвена да одговори на заканите од можни инциденти и тероризам.
-Се подготвуваме за сите можни ризици со високо ниво на посветеност од сите безбедносни органи. Нашиот фокус се движи од заканата од исламистички тероризам преку хулиганите и другите насилни криминалци до сајбер безбедноста. Полицијата ќе има силно присуство секаде каде што има голем број луѓе. Ова ќе биде голем напор, како што веќе е кажано, но исто така безбедноста е клучна за турнирот.
Натпреварот на Англија против Србија во групата Ц на 16 јуни во Гелзенкирхен се издвојува бидејќи навивачки групи од двете држави имаат историја на насилни инциденти и на домашно тло и на меѓународни првенства.
Европското првенство во 2016-та во Франција помина со многу насилно инциденти, особено во Марсеј каде се судрија руски и англиски навивачи иако на голем дел од англиските ултраси им беше забрането да присуствуваат на натпревари во странство.
Но, многу од тие забрани ќе завршат пред претстојниот натпревар.
Како мечевите од висок ризик се сметаат и оние кои ќе ги играат Полска, Хрватска, Романија, Холандија и Чешка.
Навивачите од Полска се меѓу најнасилните во Европа.
Германските групи, како што е навивачката група на Ајнтрахт Франкфурт, исто така може да бараат конфронтација кога тимовите играат во нивниот град.
Особено е ризично во источна Германија каде многу навивачки групи се подготвуваат за судир со гостински навивачи.
–Кога е време да се тепаме, секогаш се тепаме. Зошто не наутро, зошто не навечер. Нели? Важно е да застанеш на линија и да се бориш за својот клуб.
Германската полиција преку видео материјал ја покажа својата подготвеност за справување со евентуални немири за време на Европското првенство.
Властите објавија дел од подготовките на специјалните сили за брзо распоредување кои би интервенирале во случај на големи инциденти.
Целта на Германија е претстојното првенство да биде организирано на највисоко ниво и од спортски и безбедносен аспект, и без дамка, пехарот да стигне во рацете на најдобриот тим.
Мартин Трајчевски