Вести Македонија Најважни

Предлогот за составот на Владата доаѓа во Собрание во вторник

Новата Влада ќе биде избрана во периодот од 19-ти јуни до 3-ти јули. Во овој период од 15-те дена треба да се одржи собраниската седница. Рокот почнува да тече од денот кога мандатарот ќе го достави предлогот за состав и програма на Владата, односно од вторник, 18-ти јуни. Мандатарот Христијан Мицкоски најави дека последната виза за имињата на министрите и на нивната програма треба да ја дадат партиските органи кои ќе заседаваат в недела.

„Очекувам Извршниот и Централниот комитет да се произнесат. Доколку тоа е успешно и позитивно, ќе бидат соопштени на јавноста. Официјалниот список на идната Влада заедно со програмата за работа ќе бидат доставени во македонското Собрание во вторник, на 18-ти јуни“, рече мандатарот Христијан Мицкоски.

Мицкоски не потврдува дали Александар Николоски, Тимчо Муцунски, Гордана Димитриевска-Кочовска, Панче Тошковски и други ќе бидат дел од министерскиот тим. Новата Влада ќе има 20 министерства. Со Правда и Администрација ќе раководи ЗНАМ. Во 5 од нив ќе министеруваат кадри предложени од „Вреди“. Ќе имаат и две вицепремиерски позиции. Еден од нив е Изет Меџити, вториот веројатно Арбен Фетаи, додека Арбен Таравари е сигурен за здравство.

„Јас колку што знам двајца вицепремиери и пет ресори: екологија, здравство, економија, социјална политика и евроинтеграции. Веќе е ресор“, вели Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.

За Мицкоски, позициите на партиите се јасни: ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ се владеачки, а другите три коалиции и партии – опозициски. Гласовите на Европскиот фронт за реорганизација на државната управа тоа не го менуваат. Но ДУИ се смета себе си за легитимен претставник на Албанците, а со тоа и за партнер во сите важни разговори.

„Може да очекувате и во иднина, било кои разговори за иднината на државата кои ќе бараат согласност и од втората по големина етничка заедница, ќе мора да оди преку легитимниот претставник. Вие може да имате преферирани пријатели во Влада, во вашата коалиција, но во име на Албанците може да зборуваат само оние кои тие ги имаат изгласано. И тоа така ќе биде“, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Мицкоски го доби мандатот за составување Влада на 6-ти јуни. Предлогот ќе го достави цела недела порано од крајниот рок, а тој ритам веројатно ќе го следи и седницата за избор на Влада.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ристевска: Прво ви велат „Сменете го Уставот“, а потоа ви велат „Билатералните спорови надвор“- контрадикторно е

Дејан Дејан

Министерството за правда информира дека се неточни тврдењата дека ќе се изгубат средствата од реформската агенда

Дејан Дејан

Европа да се обедини, реформите се тешки, уставните измени главен услов – пораки од еврокомесарката Кос

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе