Кога се дебатира за европските избори, прашањата се главно национални. Значи се губи или добива на нешто што се прави дома, а помалку на она што се прави на ниво на Европската унија. Отука, вусшност, произлегува незадоволството, од реформите дома, односно од економската ситуација пред сè, од растот на животните трошоци, прашањето на миграцијата, истакна Малинка Ристевска Јорданова, експертка за ЕУ и основачка на Институт за европска политика, во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма во анализа на изборите за европскиот парламент што се одржаа од 6 до 9 јуни.
„Десницата долго време не е на власт, сега доаѓа на власт на повеќе места. Беше многу полесно да се гласа за неа, кога се гласа против. Европските избори се шанса да се гласа против“, смета Ристевска Јорданова.
Незадоволство од европските политики и незадоволство од националните влади, според Ристевска Јорданова, не може да се разграничи.
„Секогаш се прекршува преку националната политика. Колку и да се трудат да го создадат европскиот политички простор, во таа насока се всушност и европските избори, националните прашања сè уште се во преден план и ги решаваат европските избори. Меѓутоа, мора да напоменам дека, сепак, постојат и глобални тенденции. Оваа година има избори и во Америка. Таму сега засега, се предвидуваат промени, така што ситуацијата е многу покомплексна и глобално, не само во европски рамки“, рече Ристевска Јорданова.