Директорот на скопската гимназија „Орце Николов“ инсистира дека учениците во никој случај не се виновни за тоа што секоја година има препишување за време на испитите на државната матура.
Учениците не се виновни во никој случај. Учениците се огледало на тоа што ние го правиме, тие ги следат нашите постапки и тоа е одраз на културата што ја имаме. Значи кога сите ќе ги почитуваат протоколите, кога ќе имаме култура на однесување, кога ќе знаеме како правилно да постапуваме сите, тогаш и учениците ќе бидат уште подобри, рече Митко Димовски, директорот на гимназијата „Орце Николов“.
Покрај тоа што ги спомна протоколите, Димовски смета дека треба да се посвети внимание и на односот на тестаторите и набљудувачи, да не се третираат децата како престапници.
Оваа година ќе кажам дека децата беа во стрес со тоа што беа ставени групно, во големи холови, како што и пред тоа кажав, меѓутоа јас повеќе би акцентирал на односот, дека имаше во одредени, еве и кај нас се случуваше тоа да децата беа не исплашени, туку да им се даде една позитивна енергија пред полагањето на тестот, да се има еден поубав однос, да не ги гледаме сега како престапници, да ги претресуваме, рече Димовски.