Поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник на ФБ објави дека ќе се кандидира за нов претседател на СДСМ.
-Нашата партија е соочена со голем предизвик и ги поминува веројатно најтешките моменти од нејзиното основање. Ова е време кога многумина се прашуваат дали СДСМ ќе опстане и каква е иднината на партијата. Но, јас силно верувам дека поразот треба да ни послужи како моќен катализатор за промени и обнова. Мојата цел во следните четири години е да ја обновиме, реформираме и повторно да ја подигнеме СДСМ на ниво кое го заслужува. Да создадеме организација која ќе им служи на граѓаните и ќе биде мотор на општествениот напредок, објави Филипче.
Тој посочи дека СДСМ мора да учи од нивното минато и да ги отстрани сите недостатоци за да излезат посилни и пообединети од кога било досега.
-СДСМ отсекогаш бил и останува столб на демократијата, правдата и напредокот. Силен СДСМ им е пред сѐ потребен на граѓаните како коректив на политиките и насоката во која се движи земјата. Со мојата кандидатура ќе приложам сеопфатен концепт и програма која наскоро ќе ви ја претставам, објави Филипче и најави дека во следниот период ќе се посвети на дискусии и средби со членови и поддржувачи на СДСМ, но и со низа поединци, групи и организации кои може да придонесат заеднички да ги поставиме темелите на обновата.