Активностите за реконструкција на стадионот во Тетово ќе продолжат, велат од Општината, откако Владата и укажа дека треба да прекине со работите на теренот додека нема правна разврска на случајот. Градоначалникот Биљал Касами вели ќе се работи додека не одлучи Уставниот суд, каде, пак, има поднесно Иницијатива за оценување на уставноста и законитоста, врз основа на законските одредби со кои надлежност да дава државен имот на трајно користење има само Владата, а стадионот на ЈП „Тетово транспорт“ го дала локалната самоуправа.
„Не може да се почитува една одлука која била пред избори и која е политички донесена. Има процедура пред Уставен суд. Ако Уставен суд донесе одлука дека тоа е спротивно на законот и Уставот тогаш ќе постапиме“, изјава Биљал Касами, градоначалник на Општина Тетово.
Според предвиденото, стадионот треба да добие целосно нов лик, што беше промовирано и на церемонија која Општината ја организираше во април, на која градоначалникот седна во багер за да означи почеток на активностите. Но, Касами вели дека не се работи за рушење, туку за реконструкција.
„Значи ние не правиме рушење и промена на намената која е на тој објект, ние соглано обврските кој ги имаме се грижиме за функционалноста на тој објект, значи имаше извештај на Комисијата која со одлука на Совет се формираше за оценка на објектите во однос на сеизмичка сигурност и сигурно дека тој не е обезбеден и требаше согласно обврските кои сме ги земале, како домаќини на тој објект да преземеме чекори кон реконстукција за да биде функционален и безбеден за граѓаните“, изјави Биљал Касами, градоначалник на Општина Тетово.
Новиот фудбалски стадион во Тетово, со владина одлука во 2015 година, е даден на трајно користење на Општина Тетово. Тетовскиот Совет, пак, во септември минатата година, донесе одлука со која имот и му го даде на трајно користење на ЈП „Тетово транспорт“ и ги смени надлежностите на претпријатието, освен да врши превоз на патници, да може да реновира и управува со објекти за спорт.
Данијела Билбилоска