Очекувам од мандатарот за премиер на Северна Македонија јавно, на јасен и категоричен начин, да изјави дека го почитува Договорот од Преспа, дека името на неговата земја е Северна Македонија, ерга омнес и во внатрешната и во надворешната употреба, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на денешната прес-конференција на островот Крит, во пресрет на европските избори на 9 јуни, пренесува МИА.
Тој додаде дека конкретното прашање ќе го покрене и на претстојниот НАТО Самит, но и оцени дека во Скопје, сепак, ќе преовлада логиката. Мицотакис истакна оти грчката страна во моментот констатира дека „намерата на ВМРО е во пракса да го оспори едното и единствено име за сите“ и истакна дека „Грција нема да го прифати ова“.
„И навистина би го охрабрил раководството на Скопје да не го стави во опасност европскиот тек, кој нашата земја го има поддржано, кој мислам дека и самите граѓани го посакуваат. Да сфатат дека изборите поминаа, дека популизмот во надворешната политика можеби е привлечен за привлекување гласови, но не го издржува водењето на сериозна надворешна политика кога некој официјално ги презема должностите. Верувам дека на крајот ќе преовладее логиката и ќе постои препознавање на она што се подразбира во Договорот, кој за нас има негативни работи, но една од важните димензии е токму едното и единствено сложено име за сите и ова не може во пракса да се оспори од никој“, истакна Мицотакис.
Уште еднаш повтори дека тие ќе бараат апсолутно усогласување за ова прашање, за кое рече дека се на иста линија и со ЕУ и САД.
„Да потенцирам дека не сме сами. Европската комисија го кажува токму истото, САД го кажуваат истото. Па така Грција не е изолирана, Скопје е изолирано, следејќи ја оваа политика и затоа мислам дека на крај ќе преовладее логиката, а Северна Македонија ќе се врати на тешкиот пат на усогласување со европските критериуми и доколку го стори ова, Грција ќе биде прва што ќе го поддржи овој напор“, посочи Мицотакис.