Вести Македонија Најважни

Полни училишни холови и сали – речиси 15.000 матуранти полагаат мајчин јазик, како прв испит од државната матура

Испитите во целата држава денеска почнаа навреме. Задолжителниот предмет од државната матура, мајчин јазик, го полагаат вкупно 14.834 пријавени матуранти. Учениците кои нема да го положат испитот во јуни, втората шанса ќе ја добијат во август, информираше директорката на Државен испитен центар, Билјана Михајловска.

„Денеска во цела држава испитите почнаа на време, материјалите беа доставени навреме. Сите ученици се во своите училишта. Денеска полагаат 14.834 пријавени матуранти. Тие го полагаат задолжителниот предмет, мајчиниот јазик, односно македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература“, рече таа.

Доколку некој од учениците ги прекрши правилата и препишува, како што дополни, неговиот испит ќе биде поништен.

„Оваа година, секој препишан текст кој што е идентичен со некој друг текст или делови се идентични, не само што ќе се бодува со 0 поени, туку ќе се поништи испитот. Секој ученик треба да го напише она што го знае, и за тоа да добие поени, ако препише ќе добие 0 поени и ќе му биде поништен испитот“, рече Михајловска.

Михајловска упати апел до учениците да не препишуваат и тестаторите да не дозволуваат препишување бидејќи, како што нагласи, не им прават добро на децата.

Во однос на повторната шанса за полагање, таа посочи дека секој ученик што не положил има право да полага во август, но има и еден исклучок.

„Има една мерка која што е во правилникот каде што не се дозволува полагање ниту во август. Тоа е мерка каде што се прекршени сериозно правилата од типот на вербален или физички напад на тестартори, или замена на идентитет, некој полага во името на некој друг, што не се случило за 15 години и сум убедена дека нема да се случи, во тој случај не може да дојдат во август, ќе дојдат следната година“, рече Михајловска.

За концептот на полагање во холови и спортски сали, таа рече дека е од превентивен карактер.

„Целта е да се добијат објективни резултати и да се спречи можноста во одредени групи и во одредени училници да не се почитуваат правилата како што можеби се случувало претходните години. Бидејќи сега веќе не е тоа еден мал затворен простор во кој што еден тестатор и 15 ученици може да ги прекршуваат правилата, сега сите се гледаат, сите се во иста позиција“, рече таа.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), организатор на полагањето на државната матура, за јунската сесија се пријавени 10.088 кандидати за испитот по македонски јазик и литература, 4.189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.

Вториот (изборен) екстерен испит ќе се полага на 8 јуни. Пријавени се 1.356 кандидати за математика, 13.198 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 114 за германски јазик, 84 за естетика и по еден кандидат за руски јазик и за филозофија.

Според видот на образование, 6341 матуранти се од гимназии, 8.230 од стручно и 263 од уметничко образование.

Испитниот материјал ќе им биде доставен на училиштата утрото во деновите кога ќе биде полагањето, а почетокот на тестирањето за двата испита ќе биде во 10 часот.

Полагањето ќе го надгледуваат околу 2.000 тестатори – наставници кои се ангажирани во други, а не во своите училишта, како и околу 200 набљудувачи од ДИЦ, Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и од Центарот за стручно образование и обука.

Во голема просторија ќе има и повеќе тестатори на едно место така што оваа новина ќе овозможи подобра контрола на случувањата во текот на испитот и ќе оневозможи препишувања или масовно споделување на одговори, како што се случи минатата година во група на апликацијата Вибер на испитот по Англиски јазик.

Целта на новиот начин на реализирање на испитите е самостојно решавање на тестот и почитување на правилата за полагање кои постојат од воведувањето на државната матура во 2007 година (не е дозволено:  користење какви било дополнителни средства  – учебници, хартија, мобилни телефони и други електронски уреди,  консултација со другите матуранти, препишување, недолично однесување кон други лица во просторијата, пишување недолични знаци на тестот или текст кој го открива идентитетот и слично).

Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЈСП демантира дека има долг кон приватните превозници, најавува тужби доколку прекинат да возат

Дејан Дејан

Тошковски: „Безбеден град“ ќе профункционира за многу брзо

Дејан Дејан

Тошковски: Очекуваме за два месеци издавањето патни исправи да го вратиме во нормалниот законски рок

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе