Вести Македонија

Дел од тетовци во страв од извршители – доаѓа и третата сметка, а сè уште чекаат регулирање на претходните две сметки за комуналии

На дел од жителите на Тетово на кои им беа фактурирани нереално високи сметки за комуналии со реструктуирањето на претпријатието, иако поднеле приговори според насоките на Општината, сѐ уште не им се регулирани. Доколку не ги платат се плашат од извршителите, затоа што веќе ја добиваат и третата сметка, но од друга страна, пак, велат нема основ за плаќање.

Откако се обратиле до претпријатието Заубермахер, барајќи решение доаѓаат и кај градоначалникот на средба.

„Јас сум самец, живеам во 70 м2, некој врз мене живее со 4-5 члена. Исто плаќаат со мене, тие 4-5 најлончиња ќе фрлат, јас едно. Нема каде да се жалиш, на две места бев, не знаеме ни кому да се жалиме, па еве дојдовме со градоначалникот да видиме што ќе направиме“, вели тетовка.

„Јас од старите сметки немам ниедна неплатена, а овие што дошле сеа по ново, додека не се реши немам намера да ги платам, проблемот е да не дојде до блокирање на сметките“, вели друга тетовка.

Градоначалникот Биљал Касами повторно уверува дека етапно ќе се решат проблемите и дека никој нема да биде оштетен. Иако граѓаните сметаат дека новата методологија за наплата е на нивна штета, според Касами таа е поерална.

„По метар квадратен е пореален и може податоците да бидат преземени по реални. Во поранешниот систем ЈКП Тетово требало на месечна база да види кој се родил, кој умрел и е покомплицирано за менаџирање, но од аспект на финансирање нема промена, тоа им гарантирам на граѓаните дека нема да има поовеќе оптоварување од тоа што било претходно, само што сега се менува од глава на жител на метар квадратен“, изјави Биљал Касами, градоначалник на Општина Тетово.

Со склучениот договор на Општината со приватната компанија „Заубермахер“, таа ја презеде обврската да ги фактурира сите комунални услуги на една сметка, за собирањето на сметот кој е нивна надлежност и за вода и јавна чистота, надлежност на другите две општински претпријатија.

Проблемот настана кога фирмата наместо досегашните податоци за жителите, користи податоци од Катастарот, па им пристигнуваа повеќе сметки на едно име, или, пак, за повеќе членови во семејството, а за дел од граѓаните сметките станаа повисоки со воведувањето на новата методологија за отпад, според квадратура на објектот.

Данијела Билбилоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Фотогалерија) Повредени 24 луѓе, спасени екипажи, патници, деца – силно невреме мина низ Сплит

Дејан Дејан

Владата прогласи кризна состојба поради пожарите

Дејан Дејан

ЕУ е за проширувањето, но и недостига временска рамка – кога

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе