Вести Македонија Најважни

Пропаднаа и денешните обиди за избор на претседател на Уставен – неизвесноста продолжува и следната недела

Два дена избори и шест прегласувања, не се доволни за да се дознае новото име за претседателската позиција на Уставниот суд.

Никако не се достигнува потребното двотретинско мнозинство од вкупниот број на судии. Со тоа, останува неизвесно кој ќе ја наследи судијката Добрила Кацарска, чијшто мандат завршува за два дена.

Според информации на Телма, состојбата е статус-кво. Гласењето е тајно и јавноста е исклучена, но според изворите на Телма во сите кругови резултатот е ист, со пет гласа во корист на Татјана Васиќ – Бозаџиева и четири гласа за Ана Павловска – Данева.

Денес судиите гласаа двапати, по вчерашните четири обиди.

Со согласност на сите судии беше договорено седницата за избор да продолжи во понеделник на 3 јуни, соопштија од Уставен.

Извори на Телма од Уставниот суд брифираат дека постои строга поделеност во два табори, која настанала по точката за усвојување на измените на Деловникот, на седницата одржана во понеделникот.

Неофицијално, еден од уставните судии во актуелниот состав, го покренал прашањето за употреба на јазиците во Уставен, како и за местото заменик-претседател на судот, нешто што досега немало.

На тоа, уставната судијка Васиќ – Бозаџиева, која е една од двајцата кандидати за претседател, предложила – да се изгласа Деловникот, а потоа на првата наредна седница по изборот на нов претседател, да се отворат сите прашања.

Кандидатурите за претседател на Уставен доаѓаат од судиите, кои директно предлагаат некој од колегите. Како што дозна Телма, Павловска – Данева била предложена од колешката Јадранка Дабовиќ – Анастасовска.

Васиќ – Бозаџиева во два круга била предложена од Елизабета Дуковска, а во два од Фатмир Скендер.

Токму за судијката Дуковска, со месеци во Управниот суд има предмет со кој се оспорува нејзиниот избор во Уставниот суд. Таа беше предложена за уставен судија од Судскиот совет, кој ја кандидираше нејзе откако на седница на која се гласаше прво за неа таа го доби потребното мнозинство, а за останатите кандидати воопшто не се произнесе.

По изборот на Дуковска во Собранието, една од противкандидатите судии поднела тужба до Управен, во која се бара да се поништи изборот во Собранието поради процедурални грешки, но судот повеќе од една година нема одлука во однос на оваа жалба.

По повторувањето на резултатот 5:4 во текот на вчерашното гласање, започнале лобирањата, но резултатот не се менувал. Сепак, ниту една од кандидатите за претседател на Уставен суд нема намера да се повлече од изборот.

Мандатот на актуелната претседателка Добрила Кацарска истекува на 2 јуни и таа е без право на реизбор.

Петар Догов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нетанјаху за Палестинците во Газа – може да останат а може и да си одат

Дејан Дејан

Телма во Чучер Сандево: со пожарникарите и жителите кои ги бранат куќите и манастирите од пожарот

Дејан Дејан

Топлото време е подеднакво опасно и за младите и за повозрасните,

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе