Тоа, веројатно, ќе биде првиот тест за утврдување на правецот, во поширока смисла, не само борбата против корупцијата и доброто владеење на правото, смета Снежана Камиловска Трпковска од Македонскиот центар за меѓунартодна соработка (МЦМС) во вечерашната дебата во „Топ тема“ за начинот на распределба на директорските места, односно дали тоа ќе биде по огласи и по Мерит или по партиски заслуги.
„Граѓанските организации со години наназад се залагаат да се постави тој Мерит систем. Во минатиот период, големи беа заложбите да се донесе и тој закон за висока раководна служба, кој што ќе обезбеди, на некој начин, критериуми за бирање или номинирање на лицата на високи раководни функции врз одредени стандарди. За жал, истиот не се донесе, но ете да видиме каков ќе биде првиот тест. Очекувањата се, ете согласно тоа што е наведено во самите програми на политичките партии, дека ќе се придржуваат до некој Мерит систем. Би било очекувано и би било посакувано, се со цел да дојдеме до онаа крајна посакувана премиса за која наголемо се зборуваше од политичките партии дека ќе се заложат за реална борба против корупцијата“, истакна Камиловска Трпковска.